ЛЕТНА ЖЕГА СО ВЕСЕЛБА ЗА НЕВЕСТА СЕКОЈ ДЕН СЕ СТЕГА

Во Тризла

Dzemal Memeti i Argin DervisoskaЦела Тризла од музики ечи во лете. Речиси секој ден за Ромите е празник на душата, се некој свадба прави. Прилеп го “напаѓаат” нашинци кои се на привремена работа во Швајцарија, Австрија, Германија, па дури и од Америка, а кои доаѓаат ем одмор да истераат, ем невеста да си видат и “грабнат”. Нема ден да помине без ромски зет и невеста. Не се чека сабота, недела. Секој ден е ден за веселба. Се радуваат на “големо” по дворови, разиграни, понесени од гласна, погласна музика не може да биде. Ора, чочеци се завиваат без крај,  се прават богати гозби. Често зетот, ако е од странство, ем ако се погоди “парајлија”, летаат туциња банкноти по музиката. Соседите од маалото, дури и од цела Тризла го “окупираат” дворот, спектакл да се изнагледаат. Од веселба “под отворено небо”, сватовите се “селат” во ресторан, уште пораскошно да прослават. Жените, блиски на младите, се дотерани во бели шалвари, а невестата од накитена, понакитена во невестински фустан. Екипата на весникот “Зенит” своето љубопитство за ромската веселба не можеше да го совлада, па ѕирна во ромскиот ќеф во кој уживаа сите.

– Невестата, Аргин Дервишоска е од Прилеп, а зетот, Џемал Мемети од Германија. По регистрацијата и невестата стана Мемети. Имаа две години врска, па ја официјализираа со свадба. Почнавме со строј, па свекрвата ја к’носуваше сната и “официјално” си ја зедоа за “нивна”. Прво, во дворот се веселевме со музики, а сега во ресторан. Оттука одиме кај зетот дома на “блага ракија” – ако е “чиста” невестата, в куќи му останува и сите пиеме ракија украсена во боја. Ако не, невестата се праќа “сиктер дома” – раскажува Нури Дервишоски.

Стројот е еден вид веридба. Односно нишан, денот кога се носат дарови за снаата, се договара датумот за свадбата и миразот. Според ромските обичаи, за свадбата кај невестата со редењето на миразот – невестинскиот дар кој невестата рачно го изработува тргнува веселбата. Жена (кујуџика) оди од куќа на куќа со бонбонче и кани на свадба. Девојките плетат венче од цвеќе и ја украсуваат портата. На таканаречената мала к’на се канат само жени и се става к’на на косата на невестатата, а свекрвата и носи дарови. Порано невестата се носела во амам на капење, а после тоа се честело баклава. Традиционално се ставало к’на и на рацете и нозете на невестата со пара од машко дете. Се крши погача и се забричува младоженецот. На денот на свадбата, кај младоженецот се игра оро за свекрвата, кое го играат исклучиво жени, облечени во шалвари и елеци. Се носи сито со леблебии, бонбони, жито и јаболко и се дава на младата. Ситото се фрла на покривот на куќата и ако остане на ќерамиди, се верува дека бракот ќе биде долготраен.

Денешните ромски свадби се со свечена тоалета, покрај традиционалната носија и гостите уживаат во раскошот и веселбата на радосниот чин. 

Loading