ЖИВОТ ВО ОБЛАЦИ

Висококатниците се украс за градот

– Поглед на дланка, ветер и сонце

ubavica na visoki potpeticiПрилеп наш не е што – годе град. Има со што да се фали. Се урбанизираат делови од градот, а во центарот веќе неколку децении се вишнее 13-катницата. Таа е највисок објект во градов, нема друга таква. Прилепчани ја знаат како некогашна “офицерска” зграда која е засега кралица во урбанизмот. Но како е да се живее на 13 – тиот кат, во  небесните убавини, небаре живот во облаци. Од прозорецот ти се на дофат облаците, топлината на сонцето, а пак Прилеп го имаш на дланка. Нема панорамска фотографија од градов, а да не е “кадросана” од 13- катницата. Од највисоко, најубаво се гледа. Но, нема и фотка од градов без “убавицата на високи потпетици” уште повеќе откако се уреди и кружниот тек со споменичниот комплекс Карпалак. Станарите се чувствуваат “привелигирани” што живеат на највисокиот кат во целиот град, само пофалби редат. Ем в центар, ем на највисоко. Саглам се супериорни. Имаат рајска убавина за очи и душа. Но признаваат дека живеењето на највисокиот кат има и недостатоци. Климатските промени први ги чувствуваат – во лете најповеќе им жежи, ветре небаре од зад врата им фучи, а дожд силен чунки дома им врне во зима. Некои сметаат дека ем се сами горе, ем се најглавни, и не им смета отежнатата комуникација кога лифтот не работи или е зафатен. Екипата на “Зенит” ги посети станарите на 13. и 12. кат.

Antun Jurkovic i soprugata Justina– На 13-ти кат сум “роден”, за мене е најнормално живеењето тука. Интересно е што си над градот. Зградата е највисока, а сето друго е ниско. Не е можеби којзнае колку висока, не е 200-300м, но, во однос на другите поситни градби изгледа “доминантно” со своите 50-тина метри. Специфично е тоа што си во центар, а всушност кога живееш најгоре, на последен кат, ти се чини како да си некаде подалеку. Доста е тивко, не се слуша никаква врева, ни метеж од сообраќај, што инаку е вообичаено за живот в центар или за подолните катови. Звукот од улицата не се слуша, ама звукот од далеку продира, на пример од Маркови кули некој да викне, кучиња да залаат, кога пее оџата или има ромска свадба. Тие што се на подолните катови, звукот од возилата повеќе го чувствуваат. Позитивно е да се живее горе, има убав поглед кон езерото. Ги гледам птиците од птичја перспектива. Има ластовички, седла си прават. Спасени сме од оси и муви, “неможат” да долетаат. Волшебно е. Дува така повеќе во зима. Во лето, бидејќи сме на највисоко беше пожешко, но, сега имаме поставено изолација и нова дограма, па помалку се чувствуваат промените. Кога има ветар, особено кога е силен изгледа како зградата да вибрира. Силен дожд се слуша многу, оти директно паѓа врз плочата, се слуша, особено ако е дожд со ветар, тогаш најмногу “мава” по прозорците. Гости кога ќе дојдеа, кога ќе дуваше, се прашуваа што е тоа, им создаваше малку непријатно чувство. Сите ме прашуваат како е во лифт. Го користам редовно, но има станари до трети кат кои одат пешки. Порано лифтот знаеше да не работи одвреме на време, па да се качиме и пешки, но сега во последниве 10-тина години не паметам да се качам без лифт. Евентуално, струја да снема, не работи лифтот, но тоа обично е кратко 15-20 минути, можеш да поседеш малку надвор пред зграда ако не ти е битно, оти инаку “мора” со лифт. За здравје, ако сака некој, може и пешки. Кога би имал можност да го променам местото на живеење, пак би бирал највисок кат – нема никој над тебе, имаш чувство дека си последен. Имаш ширина, поглед, интересно е, никој не ти тропа над тебе. Цел живот сум тука навикнат, па сега ми е чудно кога ќе појдам негде на понизок спрат – гледам во друга куќа, во друга тераса. Кога ќе ми дојдат други луѓе горе, им е чудно, поинаку се чувствуваат, но до сега никој не рекол “леле, ми се лоши, ми се врти” – вели Антун Јурковиќ.

Станарите на последните катови имаат прекрасен панорамски поглед. Глетката е воодушевувачка Небаре живот без ограничување. Друг стил на живеење без двор и порта. Становите се како посебни оази во небесната шир.

– Најубав ми е погледот од прозорот. В центар, а толку е тивко. Кога живееш најгоре не се чувствуваш како да си в центар. Посебно е, несекојдневно чувство. Знаеш дека си на некоја висина. Особено невобичаено ми е чувството кога има земјотрес, оти и најмал се чувствува многу, колку погоре, повеќе се чувствува, колку пониско долу, толку по не се чувствува – вели сопругата на Антун, Јустина од Полска.

Неверојатната архитектонска вештина на изградба на колективни згради овозможува животот во висококатниците да биде поинаков од оној во индивидуалните станбени објекти.

Rodna Sarenkoska– Да се живее во највисоката зграда во градот е интересно и необично. Претходно живеев во куќа, а тука сум од 1981 година, и на почеток ми беше навистина необично. Ми беше потребен еден период на адаптација. Убавината во ваквото живеење е што го имам Прилеп на дланка. Дури во погорните катови ја нема толку прашината. Ја нема толку бучавата, иако сме на централно место. Би полемизирала во поглед на луѓе што живеат во куќа, предрасудите велат дека ние сме на високо и дека кај нас е многу жешко, но не е вистина. Земјотрес се чувствува, и тоа прилично, помал потрес кај нас повеќе се чувствува, отколку да речеме во некој понизок објект. Лифтот работи беспрекорно и постојано. Вака, со лифт, кога живеам најгоре ми е полесно, оти имам само влезни скали и одам со лифт, и сé што треба носам со лифт. На некои што живеат на трети-четври спрат, може им е потешко само скали да врват. Не било некоја тема на дискусија, но кога имаше проблеми со водоснабдувањето, комшиите од пониските спратови беа во предност, бидејќи по природен пат може вода да добијат. Гостите често се шегуваат “Еее, многу високо живеете!”,  ама не се навикнати, некои се воодушевуваат од глетката, кога од балконот ќе го видат градот, посебно ноќе, а на други пак им е страв дури и на тераса да излезат, што зависи од ставот на личноста кон висината. Јас, лично уживам во глетката, и на тераса функционирам најнормално, како да сум долу на приземје. Обезбедена ни е терасата, но надзор мора да има – висината си е висина. Висината си има свои предности и мани. Доминантна ни е 13-катницава во градов, гледа кон сите местоположби, дури на некој начин е и заштитен знак на нашиот град, на сите фотографии мора да се види барем исечок од 13-катницата. Привилегијата пред сé ја гледам во видикот – вели Родна Шаренкоска. 

Инаку според согледувањата на психолозите и научниците животот во висококатниците ја попречувал во извесна мера и комуникацијата. Животот на висина е поизолиран, луѓето се подалеку од природната средина и комуникацијата со останатите жители на улицата. Сé уште научниците водат полемика дали поразредениот воздух влијае и врз здравјето на жителите во висококатниците, на нивниот крвен притисок. Во светот има илјадници висококатници од кои застанува здивот, а волшебна глетка се нуди и од прилепската 13-катница. 

Loading