ГРЕШКИ И БЕСМИСЛИЦИ

ivce1Селото Косел, близу Охрид, познато е по специфичната миризба, дури би се рекло и смрдеа. Затоа го нарекуваат уште и Смрдеж. Постои таму некој отвор во земјата, од каде излегува некаков гас кој мириса на сулфур, или како што велат – на расипано јајце. Во последно време количествата на овој гас биле зголемени. Тоа предизвика интерес, па и загриженост, и кај обичните луѓе и меѓу научните кругови. Телевизиите редовно известуваа и објаснуваа дека не станува збор за некаква опасна појава. На една од нашите национални телевизии слушнавме дека СУЛФАТАРАТА испуштала зголемено количество некаков гас. Не можеме и не сакаме да навлегуваме во карактеристиките на тој природен феномен. Го изразуваме своето чудење за името што му го дадоа на тоа место, на тој отвор, од каде излегува гас што мириса на сулфур. Е, тоа било СУЛФАТАРА. Кој ли беше тој инвентивен кум што го измисли ова име?! Грешката е двојна. Пареата мириса на сулфур, а не на сулфат. Сулфат е сол на сулфурната киселина. Да ја оставиме хемијата, зашто никогаш не ни била омилен предмет. Како се сетил презентерот да произведи именка СУЛФАТАРА, која може да се изведе единствено од именката СУЛФАТ, а не од СУЛФУР. А втората грешка е онаа со наставката АРА. Таквите именки кај нас имаат наставка НИЦА а не АРА. Овде станува збор за мирис на сулфур, па ако баш треба да се произведе таква именка, таа би гласела СУЛФУРНИЦА, а не СУЛФАТАРА. А СУЛФАТАРА, покрај погрешната наставка и погрешниот акцент, погрешно е и потеклото – СУЛФАТ. А овде станува збор за СУЛФУР.

Понекогаш се прават грешки, би се рекло бесмислици, кога зборот оди пред мислата, кога се сака да се каже многу нешто за малку време, кога се губи концентрацијата. Ќе напоменеме неколку примери за грешки од таков вид.

Видна личност, објаснува за градбата на велешкиот театар. Меѓу другото, вели дека салата ќе била акустична, ќе била обложена со АКУСТИЧНО ДРВО. Ќе се послужиме со Речникот на странски зборови на д-р Братољуб Клаиќ. Тој вели дека АКУСТИКА е наука за законите на звукот и слухот. Придавката АКУСТИЧЕН се однесува на нешто кое дава добар звук и добро го прима и го пренесува, а во заграда вели – АКУСТИЧНА САЛА. Е таква ќе биде и велешката сала, акустична. Обложена со дрво, со дрвени елементи кои ќе придонесуваат за акустиката на салата. А не постои некое специјално акустично дрво. За акустиката придонесува и самата архитектоника на салата и многу други придружни елементи. А не постои место каде растат некакви АКУСТИЧНИ ДРВА, па да се земаат и да се употребуваат за добивање на некој акустичен простор.

Англиски театар гостува во МНТ. Новинарката не запознава со повеќе карактеристики на познатиот театар. И на крајот вели дека тој, пред скопската публика ќе го прикаже ХАМЛЕТОВИОТ ШЕКСПИР. Добра околност е што за Шекспир знаат сите луѓе (или најголемиот број), па знаат и тоа дека Шекспир го напишал “Хамлет”, а не Хамлет Шекспира. Јасно е дека станува збор за шекспировиот “Хамлет” а не хамлетовиот “Шекспир”. Бранислав Нушиќ ја напишал пиесата “Покојник”. Што би било кога би слушнале од некој новинар да ни каже дека театарот ќе го прикаже покојниковиот “Нушиќ”? Бесмислица, зар не? А таков е случајот со новинарката од нашиот јавен сервис и нејзиното соопштение за ХАМЛЕТОВИОТ “Шекспир”.

На една телевизиска емисија се разговараше за психичките проблеми кај децата. Повеќе учесници, стручни лица. Објаснуваат за причините на ваквите проблеми кај децата, за нивното однесување во одредени ситуации, за нивните реакции. Една од соговорничките, објаснува за некое дете, вели – “Се плаши од страв”. За претходните нелогичности што ги набележавме, рековме дека доаѓаат од брзање, во ситуација кога зборот оди пред мислата. Ова “Се плаши од страв” не можеме да го разбереме. Не успеавме да разбереме што сакаше да каже соговорничката. Не разбравме како се плашело детето од страв.                                                                                                                                                                     

Благоја Ивчески

Loading