ПИНГПОНГАР СТАНУВА ВРВЕН МАРАТОНЕЦ

Атлетика: Саше Јаковлески го смени спортот

– Патеката од 21 километар ја трча за час и половина

Na Skopskiot maraton - Sase JakovleskiСаше Јаковлески (28), досега беше познат пингпонгар на Младост, Струга и Прилеп, а од неодамна го смени спортот и стана атлетичар. Слични промени имало во минатото кога пингпонгари преминувале во сродни игри како тенис или бадминтон, но првпат сега во многу подалечна дисциплина – маратон. Околу пингпогарската маса имаше движење само во дваесетина квадрати, а сега откако зачекори во атлетиката, веднаш ја избра најдолгата патека.

 – Пред три години, кога првпат се поплави пингпонгарската сала, навикнат на секојдневни тренинзи и дружење, ми недостасуваше физичка активност. Почнав да трчам рекреативно со Златко Палилулески, поранешен тенисер. Му правев друштво до Езеро. Прво не можев да го следам, трипати се одмарав. После двапати, еднаш и без одмор трчав до чешмата и назад – вели Јаковлески.

Човек е најсреќен кога нешто ќе направи со многу пот и голем труд. Наизглед невозможното станува возможно. Километрите се топат под нозе. Не е проблем ни угорнината. Совладани се над 16 километри. На целта чувството е преубаво. Следна задача е брзината, борбата со времето на стоперката. Така секој ден, година, две, три. Се раѓа љубов кон трчањето, поголема отколку кон пинг – понгот. Доаѓа време за дебитантскиот настап, да се испробаат можностите на официјален натпревар. Не на кој било, право на прочуениот Скопски маратон.

Na krosot Slavej Planina - Sase Jakovleski– Беше 11 мај годинава, ден по роденденот. Учествував на полумаратонот меѓу 6. 000 учесници. Дотогаш немав истрчано ни 20, а требаше првпат да поминам 21 километар. Сакав да бидам меѓу првите 150 од близу 800 кои стигнаа на целта, на крај бев 24. место. Меѓу Македонците сум 14-ти, а од прилепчаните втор, зад неприкосновениот Илија Пајмакоски. Истрчав за час и половина, сам себе се изненадив – раскажува Јаковлески.

Успесите продолжија. Во Нови Сад на полумаратонот е 11-ти на Балканот и најдобар меѓу Македонците, а потоа постигнува свој најдобар пласман, петто место, на Славеј Планина – Државно првенство во крос кантри од 12 километри. Долгите патеки му лежат. Нема сомнеж дека ќе биде меѓу најдобрите и на наредната трка “Осми септември” со 30 километри од Свети Наум до Охрид.

Јаковлески не сака сосема да го отфрли пинг – понгот, има сила и за двата спорта, но на прво место сега е атлетиката.

Членува во Скопје

Живее, работи и тренира во Прилеп, а член е на АК Делта од Скопје. Потписот за овој клуб му носи погодности, пријави за сите натпревари, стручни упатства.

– Таму сум со Пајмакоски. Тој ми е и тренер, ми дава совети за усовршување техники – задоволен е Јаковлески.

Loading