ЈА ИМИТИРАМ ПРИРОДАТА

Атанас Атанасоски, скулптор

Instalacii so prirodni materijali - Atanas AtanasoskiСкулпторот Атанас Атанасоски со најновата инсталација “Бос по трње” поставена во галеријата, го предизвика љуботството за најновото уметничко видување, со кое како што вели ја имитира природата.

– Насловот е симболичен, поврзан со процесот на создавањето на инсталацијата, кој дојде спонтано. Тоа значи дека е тешко, макотрпно обезбедувањето на вегетацијата. Предизвик за нова уметничка потрага беа поднебјето, односно растенијата што нé опкружуваат. На трњето им давам значење, бидејќи обично се спомнуваат како неубави билки – раскажува Атанасоски.

Со интересот за трњето осознал колку се привлечни.

–  Ги има во различни форми, бои. Најразлични се од мај до октомври. Бојата, формата, структурата, мирисот, беа поттик да ја направам инсталацијата. Обично делата ги правам од материјалите од непосредната близина кои ги пренесувам од природата во галериски простор. Го акцентирам незабележаното. Го потенцирам да посветиме внимание, зашто трњето можат да се користат како лековити билки. Претходната инсталација беше од памучни елементи, заради отпадниот материјал кој го имаше во изобилие – вели скулпторот, кој последните неколку години креира инсталации, поврзани со природата, а моментно е дел од колонијата во Пелинце.

Заради уникатноста Министерството за култура наесен ќе ги следи неговите инсталации на изложба во Виена.

Пат до духовната убавина

– Атанасоски се диференцира, според својата оригиналност и доследност во ткаењето на различните концепти. Изворите на идеите и материјалите ги пронаоѓа во локалниот контекст, втиснувајќи им ја универзалната димензија. Вегетативната структура на материјалот на  инсталацијата, реферира локална индивидуалност и на колективен-глобален социо-културен контекст низ кој поминува човечкото битие и општеството во целост. Патот до духовната убавина за авторот не е  метафора, туку вистина – вели Конча Пиркоска за новиот проект на Атанасоски.

Loading