СВЛЕЧИШТЕ И ПРОМАЈА

ivce1Пред повеќе години гостувавме со театарот во светиниколското село Богословец. Пролетно време. Пред дваесетина дена тука заврнало многу дожд. Се случила интересна, но непријатна појава. Од многу вода, настанало големо СВЛЕЧИШТЕ. Лизгање на земјиштето. Пред почетокот на претставата, неколкумина колеги, шетавме околу да видиме каде се случило и како изгледа тоа свлечиште. Гледаме многу ниви, видливо обележани со меѓи. На меѓите големи дрвја, најмногу сливи. Не можеме да забележиме ништо необично. Не можеме да видиме каде настанало свлечиштето. Прашуваме едни момчиња да ни објаснат каде се случило тоа.

– Па еве овде, – одговори едното.

– Како овде, – прашуваме. – Па овде ништо не се познава.

– Е, не се познава, – вели момчето. – Ама овие ниви што ги гледате пред вас беа онаму горе, на ридон.

Значи, големо било тоа свлечиште. Од местото каде што стоевме не се забележуваше ништо. Да ги оставиме природните појави. Не интересира зборот СВЛЕЧИШТЕ. Се сеќаваме дека уште тогаш во весниците беше употребен тој збор. А и сега го слушаме мошне често. Секогаш кога ќе се појави такво нешто. Карактеристично е свлечиштето во Велес, кое создава многу проблеми.

Пред извесно време новинарот на Македонското радио објаснуваше за некое невреме што се случило некаде. Како последица на силните дождови се појавило големо КЛИЗИШТЕ. Зар е можно новинар на Радио Скопје да не знае дека во македонскиот јазик не постои глагол КЛИЗАТИ и уште помалку именка КЛИЗИШТЕ. Кај нас тој глагол гласи ЛИЗГА (се) или СЛИЗГА (се). Постои именка ЛИЗГАЛИШТЕ, а постои и СЛИЗГАВИЦА. Во случајов, не се земени овие глаголи за да се добие именка кое ќе го означува спуштањето, свлекувањето на земјата. Земен е напомош глаголот СВЛЕКУВА и добиена е именка – СВЛЕЧИШТЕ. Каде и зошто го нашол новинарот српскиот збор КЛИЗИШТЕ? Голема грешка направил. Убаво се слизнал.

Сакаме да иницираме коментар за еден друг збор кој често го слушаме. Велиме “Да иницираме коментар” зашто не сме сигурни во потеклото на коренот на тој збор. Можеби ќе се јави некој читател со свој коментар, со свое објаснување. А кој е тој збор што ни создава дилеми, забуни, па и немир? Безбројпати сме ги слушале следниве реченици: “Затвори го прозероц, дува ПРОМАЈА”, “Во тунелот секогаш има ПРОМАЈА”, “Не стој на ПРОМАЈА, оти ќе настинеш”, “Те боли главата, веројатно долго си стоел на ПРОМАЈА”. И така, многупати и во многу ситуации го слушаме зборот ПРОМАЈА. Чудно е, зошто овој збор не е одбележан во нашиве речници. Не сме провериле само во новиот Толковен речник. Луѓето, барем во западниот дел на Македонија, го користат доста често. Во речниците го нема. Во разни пишани текстови има обиди да се употребува именката ПРОВЕВ. Во Тритомниот речник е објаснето дека оваа именка (провев) се користи ретко и е добиена по книжевен пат. Веројатно е добиена под влијание на српската именка ПРОПУХ. ПРОПУХ може да значи ПРОМАЈА, но ПРОВЕВ не е баш тоа. Со ПРОВЕВ обично се објаснува послабо дувкање на ветрот, или повремено провевање, а промајата е силно струење кога има отворено два спротивни прозора или какви и да се отвори. А го нема овој збор во речниците. Дали се смета како архаизам, дали нема корен во нашиот јазик? Не можеме да најдеме никакво објаснение, а зборот се користи мошне често. Има точно определено значење. Кога ќе настапи такво струење на воздухот, Бугарите велат “Става ТЕЧЕНИЕ”, Србите велат “Настао је ПРОПУХ”. Ние велиме “Дува (бие) ПРОМАЈА”. Велиме ПРОМАЈА, а во речниците ја нема. Единствено во српскохрватско-македонскиот речник има такво објаснување. Таму, зборот ПРОПУХ на македонски е предаден како ПРОВЕВ, но и како ПРОМАЈА. А во истиот речник регистрирана е (на српски) и  именката ПРОМАЈА. Дали можеби има српско потекло оваа именка? Лично мислиме дека овој збор не треба да се брка од македонскиот јазик. Па дури и да има туѓо потекло. Значењето и е многу точно и конкретно. А такви, евентуално туѓи зборови има многу во нашиот јазик. И не само во нашиот.

Апелот е отворен. Знае ли некој нешто повеќе за овој збор (промаја), убаво ќе биде да се јави со свое толкување.

Чекаме.

Благоја Ивчески 

Loading