КЛУБОТ СТРАДА ЗА 500 ЕВРА

Атлетика: Празна каса во АК Трети ноември

Трошиме последни пари – вели тренерот Гешоски

Gorgi Gesoski so Frosina VandevskaВо најжешките летни денови секојдневно на Могила и Спортскиот центар тренираат членовите на атлетскиот клуб Трети ноември и сé во клубот изгледа најдобро, додека не се слушнат поплаките. Велат дека  касата е празна и повеќе не се издржува. Сé некако се надминува и тоа што нема прописна атлетска патека или свој термин на спортскиот центар настрана од метежот со рекреативците, недостигот на опрема, ама без денар никако. Откога пред две години Агенцијата престанала да префрла пари, никој не финансирал  и се трошат заштедите.

– Уште некоја пара имаме за два – три есенски натпревари да учествуваме и завршува атлетиката во градов. Доволни ни се 500 евра за цела година. Лани и годинава не е префрлено стопаре на сметката – вели Ѓорѓи Гешоски, тренерот.

Сиромашен клуб, а има заштеди. Пример како да се цени секој денар. Пред две години државата имаше правилник за наградување во спортот. Клубовите со најдобри резултати, добиваа најмногу. АК Трети ноември победуваше во повеќе категории и на тој начин заработуваше по 35 илјади денари месечно. Со тие пари издржуваше досега, а натаму ако клубот постои, сé мора да биде самофинансирање на атлетичарите и на тренерот.

Trenerot Gesoski so atleticarot Vandevski – Децава, ако сами обезбедат пари за пат и ручек, ќе ги тренирам. Во Скопје замена ми е идниот тренер Христина Ристеска и највозрасната во клубот Фросина Вандевска. Ако имам пари и јас ќе појдам – планира Гешоски.

Постои надеж дека ќе се јави спонзор, помагател. Имало поранешни атлетичари преселени во Скопје, кои се успешни бизнисмени и сакале да помогнат. Клубот не бара многу, за пет – шест членови да се покријат десетина патувања. Тоа е сосема доволно во иднина да живее и создава репрезентативци АК Трети ноември.

 

Рекорд на Христина

Олимпијката од Лондон 2012, Христина Ристеска истрча одлично на Европското првенство во Цирих. Патеката од 400 метри ја мина за 57, 47 секунди, што е нејзин личен рекорд. Таа со овие резултати се вбројува меѓу најдобрите атлетичарки на АК Трети ноември и спортисти на Прилеп.

Штета за Јанкоски

Ицко Јанкоски, фудбалерот на Победа, беше атлетичар. Во Трети ноември сметаат дека требаше да продолжи со трчањето. Претпоставка е дека можеше далеку да стигне, оти само со два месеца тренинг ги победувал сите, дури и струмичанецот Ристе Пандев. Сега Пандев е најдобар македонски атлетичар, кој вчера трчаше на Европското во Цирих.

Loading