БЛЕСНАА СВЕЌИТЕ ЗА ЗДРАВЈЕ И РАДОСТ

Мало осветување на соборниот храм “Св. петка” во Точила

– Иницијативниот одбор со поддршка на градонацачлникот Марјан Ристески и Советот на општината го исполнува даденото ветување

– Поставен камен темелник на камбанаријата, а ќе се гради и трпезарија

Plaosnik vo Prilep e Sv. PetkaПрилепчани по век добија нова црква. Новоизградениот храм “Св. Петка” во населбата Точила за празникот посветен на преподобната маченичка Параскева, по пет години градење, ќе ги прими верниците на првата литургија, откако синоќа во предвечерието на сведниот ден, се направи мало осветување со поставување на светиот антимис, односно со внесувањето на Светиот дух во црквата. При светата богослужба, најпрвин се изврши мал опход околу црквата и потоа светшенослужителите со верниците, повторно влегоа во црквата. Во олтарот се поставија светите мошти, со изобразениот лик на Господ Исус Христос кога бил положен на плаштаницата после сметнувањето од крстот на распјетието. Со тоа се отворија вратите на храмот Божји за православните верници, се пушти црквата во служба, се стави на располагање на граѓаните.

– Во црквата ќе можеме да крштеваме, да венчаме, да погребуваме. Можеме да ги обавуваме сите црковни обреди и црковни чинодејствија, вклучувајќи ги и вечерните и утрените литургии. Поставувањето на светиот антимис е вовед во првата света литургија. Ова здание, овој Божји храм, ова светилиште, оваа убавина во целост ќе ги задоволи сите духовни потребни не само на вериците од населбата Точила, не само на верниците од градот Прилеп, туку и од неговата поблиска околина – вели прилепскиот намесник Блаже Станкоски.

Се постави и камен темелникот на камбанаријата, што е нов предизвик за Иницијативниот одбор. Недосредениот двор, монтираните скелиња даваат на знаење дека има уште многу за доизградба на храмот во кој комплекс ќе се изгради и трпезарија.

Престојат многу активности, фрескоживописување, поставување на владичиниот престол, партерното уредување. Градбата на црквата е специфична, со запазување на норми и етапи. Секоја икона има определно место. Храмот се гради во средновековен византиски стил, со современи ентериерни решенија.

– Се одржаа неколку донаторски конференции, неколку спортски и музички донаторски активности, сé со единствена цел овој храм конечно да го добие својот сјај – вели Мики Ристески од Иницфијативниот одбор за изградба на “Св. Петка”.

Иницијативниот одбор се заблагодарува на сите за досегашното учество во изградбата на вториот по големина храм во Преспанско – пелагониската епархија, а собраните средства наменски се користат.

– Претстојат многу градежни работи и финеси. Фреските ќе бидат исцртани наредната година, затоа што шемата е подготвена и уметниците почнаа да работат. Една фреска веќе е исцртана. Објектот е граден од тврди материјали – полна цигла, во средината има изолација, од другата страна е обложен со цигла, а надворешниот дел е од гранит – гранитни камења кои се украс, но му даваат и цврстина на објектот. Внатрешниот дел е измалтарен со варов малтер, по барање на уметниците заради тоа што техниката на сликање е со јајце пигмент. Куполите се завршени – дел се од бакар, дел од керамиди. Црквата ги има своите обележја – веќе се наместени двата крстови, поставени се два помошни лустери. Оваа есен и зима ќе ги ангажираме оние фирми кои и претходно работеа и ќе почнеме одново, како за црквата, така и за камбанаријата. Претстои уште еден градежен дел – трепезаријата, која ќе се гради следната година, наесен. Завршните активности ќе ни бидат кога ќе речеме “ја средуваме инфраструктурата”, односно дворот, но се надевам во наредните 5 години ќе имаме активности и Господ ќе ни даде здравје да ја завршиме целта што сме ја зацртале – вели Владимир Сапунџиоски од Иницијативниот одбор.

Иницијативата почна во 2005 година во чест на загинатите бранители на Карпалак во 2001 г, а на 8 август 2008 г. беа поставени темелите на храмот во чија изградба учествуваа многу граѓани, фирми, Локалата самоуправа и МПЦ .

Loading