КОЈА Е СВЕТА ПЕТКА

Sv PetkaВо православниот каландар постојат три личности со исто име Света Параскева – Петка. Затоа народот ги помешува и мисли дека е иста личност. Првата е света Петка – Римјанка, втората света Петка од Иконија и третата света Петка Епиватска, позната и како Трновска. Името го добиле, оти се родиле во петок, Тој е ден за подготовка пред саботата која била празник кај Евреите во претхристијанскиот период. Оттука Параскева значи подготовка.

Денеска е Света Петка преподобната маченица Параскева Римјанка. Родителите í биле Римјани, христијани. Таа, како единствена ќерка, им се родила по долги и искрени молитви. Од мала била воспитувана во христијански дух. И таа влијаела врз луѓето да се однесуваат христијански. Рано í се упокоиле родителите, а таа целиот имот го раздала на сиромашните и се замонашила. Како калуѓерка, уште со поголема жар, го проповедала христијанството, иако тоа била забрането и жестоко прогонувано. Пакосните Евреи први ја наклеветиле кај императорот, кој најпрвин со ласкања се обидел да ја придобие да се откаже од својата вера. Кога не успеал, ја подложил на жестоки измачувања, ставајќи и на главата вжештен шлем. И од овие страдања се спасила на чуден начин. Побегнала од Рим и продолжила да ја проповеда вистинската вера Христова. Уште двапати била измачувана, но пак на чуден начин се спасила, неверојатно брзо излечувајќи се од раните. На мачењето присуствувал и императорот, а кога била фрлена во котел со врело масло и со катран, а таа останала неповредена. Од течноста му прснало на императорот во очите, по што тој ослепел. Параскева се помолила на Господа и тој оздравел. Гледајќи ги нејзините страдања, но и чудата што се случувале, многумина ја примиле христијанската вера. За да ја скријат вистинската причина за нејзиното брзо оздравување, паганите ги објаснувале чудата со магии, а оздравувањето му го припишувале на нивниот Бог. Параскева на мачителот му рекла: “Не ме излекуваа твоите Богови, туку мојот единствен Бог Исус Христос”.

Раширен е култот кон Света Петка. Се смета за заштитничка од разни несреќи и од многу болести. Со нејзиното име се поврзани и чудотворни икони и многу лековити води, наречени петочни води. Оттука и празнувањето на петокот како посебно тежок ден во неделата. Во некои наши краишта петокот се празнувал повеќе од неделата.

Loading