АМАНЕТ ДА СЕ ЧУВА ВЕКОВНАТА “УБАВИЦА”

Ќе се реновира куќата на Жеревци

– Во објектот од над 650м2, живееле пет генерации од семејното стебло

Ke 'lsne kukata na Zerevci“Русокоса аристократска убавица” настаменета пред повеќе од 110 години уште му пркоси на времето и “гувее” наспроти црквата Св. Благовештение. Ех, уште во далечната 1900 година Даме Жерески со турски мајстори ја “изделкал” во аристократски стил. Скромен земјоделец, но со печалба во странство “стуткал” грне златници фазла од другите комшии за да крене здание различно, поголемо и поубаво од другите. Онакво какво што немало во градот, а по теркот на европските метрополи.

Раскош од убавина и простор. Една соба 16 м2, еден кат 120 м2, уште еден кат толку, и визба уште исто толку, и на сето тоа кога ќе му се додаде дворот, ете ти 650 м2. Ич не бил скромен Даме Жере. Машала објект. Таква е куќата на Жеревци со жолта фасада, небаре златно руво натокмено. Останала за век и веков како топло “огниште” на Жеревци. Дури и камермани на свадби при снимки на црквата, “крадат” поглед од куќата. Во аристократски стил “навезена” фасада, високи прозорци со “железен дизајн” и тавани повисоки од 3,5 метри, се гради куќа еднаш на 100 години. Не, ни денес, не се градат вакви “палати”. Таа е една и од најстарите во нашиов град. Даме Жерески ја “створил”, а после него, со Милан, па со Јован продолжила лозата на Жеревци. Денес “царува” неговиот правнук Александар. Со слатко од сливата во дворот, која од калем на калем преку 100 години упорно си тера “друшка” во дворот “рака под рака” со куќата, раскажува за прадедовото историско богатство.

– Куќата е изградена во 1900 година од мојот прадедо Даме. Останала за век и веков и за нашето поколение. Тука е чичко ми од Белград, а прв братучед на татко ми, кој е роден овде во 1924 година. Во ваков стил не верувам дека има друга куќа, со олку високи тавани. Не се гради вака сега со големи салони. Ја граделе Турци, а по кој урник и кој бил архитектот не знае ни чичко ми. Прадедо ми Даме поарчил многу алтани, спечалени со пот на гурбет – раскажува Александар.

Посебна е и  мами погледи. Странци давале баснословни суми да ја имаат. Покрај високите понуди, Александар никогаш не потклекнал да го замени вековното огниште за сјајот на парите.

– Ми нудеа 200 000 марки. И тогаш и сега, дури сум жив, давам збор дека не ја продавам. Еден ден ќе ме нема, ќе им ја препишам на моите деца, но во тестаментот завет ќе им оставам да не ја продадат. Овде сум  роден, го минав детството, се оженив, овде станав татко на три деца. И таа од дедо прадедо направена. Затоа ми е жал да ја дадам некој да ја урне. Ќе остане за градската историја – не запира Жерески.

Amanet na decata da ne ja prodavaat kukata Aleksandar ZereskiНо, мака си мачи оваа куќа. Во нејзината душа “плаче” заедно со дождот. Старите турски ќерамиди натежнале. Штиците на душемето крцкаат, а покривот скапал и моли за реновирање.        

– Со “скинати џебови” ништо не сме пофатиле со мало прсте. Дури имавме можност, не се сложивме со брат ми за кредит, со кој нешто можеби ќе саниравме. Имавме еден мајстор, од време на време ќе ги прередеше ќерамидите. Ама тогаш – за тогаш. Од невремиња, од дождови и ветар, пак се лизгаа. Така,  колку што врне дожд, толку внатре тече во салонот и во едната соба. На последниов дожд се качив на таван, со голема внимателност да ги подредам ќерамидите. Ќе падне таванот, често им велев на моите деца – додаде Жерески.

Државата ќе ја спасува Жереската убавица.

– По примерот на Бектешевци, поднесов молба. Ни ја прифатија молбата. Се радувам како дете мало за реновирањето. Ќеф ми е што после повеќе од еден век ќе се врати како што била некогаш – вели Жерески.

Со реконструкцијата ќе се живее подобро, ќе се дише. Ќе остане историска градба, небаре музеј, зашто нема вакви куќи.

ОРИГИНАЛНАТА ФАСАДА ЌЕ БЛЕСНЕ СО НОВ СЈАЈ

Со поддршка на Министерството за култура ќе започне реализацијата на проектот за конзервацијата на куќата на Жеревци, лоцирана на улицата Моша Пијаде 130,  која е во рамки на проектот за обнова на објекти со автентична староградска архитектура.

– Куќата на Жеревци која е изградена околу 1900-тата година и во која сеуште  живеат потомците на тогашните сопственици, претставува одличен пример за влијанијата од европската градителска естетика на овие простори. На објектот сеуште е зачувана оригиналната фасада како и богатата архитектонска декорација, карактеристична за периодот на  изградбата. Во текот на реализацијата на проектот за конзервација на овој објект стручните екипи на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп ќе извршат и целосна замена на  подпокривната конструкција и покривот на куќата чие пропаѓање и протекување влијаело и на фасадните ѕидови – вели Гордана Данаилоска – Спироска, директор на Завод и Музеј -Прилеп.

Проектот ќе биде реализиран до крајот на годинава. Лани заврши конзервацијата на куќата на Бектешовци. Ќе бидат обновени уште неколку стари фасади меѓи кои и објектот каде порано се наоѓаше Пионерскиот дом на ул. Борка Талески.     

Loading