ЛОВЕЦ НА ВРЕМЕТО

Божидар Барлакоски, фотограф

Fotografijata e mojata poezija - Bozidar BarlakoskiФотографот Божидар Барлакоски се закити со награда за  најдобра колекција на манифестацијата “Денови на македонската фотографија”.

Можеби е клише, но сепак, што таа за Вас значи?

Наградата е доказ дека не си го губам залудно времето, шетајќи со фотоапаратот на рамо. Потоа е поттик понатаму да ја “брусам” мојата уметност до максимумот на талентот. Можеби побитно од наградата, е тоа дека аматер – фотограф, со прецизна идеја, може да се пробие до признание, покрај сите докажани имиња и авторитети во македонската фотографија.

За каков творечки ангажман ја добивте наградата?

Тоа е колекција фотографии за традиционалниот конкурс за фотографија, организиран од Фото сојуз на Македонија, на слободна тема. Годинашните “Денови…” беа 52 издание. Посебно голема чест како фотограф, но и за прилепскиот фото клуб, чиј член сум, е што во градот донесовме две први места, за колекција на фотографии и во поединечна конкуренција за младинска фотографија.

Од кога се занимаваш со фотографија?

Со фотографија сум шест години, првенствено поради потребите на мојата работа. Со време стана мојата втора поезија.

Каков е поривот да бидеш со фотоапаратот в раце и да овековечуваш луѓе, настани?

Пред ова, бев оддаден на пишувањето. Имам издадено две збирки поезија. Фотографијата е мојата нова поезија. Нема голема разлика во двете творештва. Поезијата се пишува со мастило, а фотографијата се запишува со светлина. И двете се плод на креативен немир, потреба за пренесување на порака од една поинаква димензија, потреба да се задоволи човечката креација, која нишани многу повисоко од нискиот плевел од баналности на секојдневието.

Што ти лежи да го внесеш во објективот?

Фотографијата е ослободување од стегите и правилата. Фотографирам сé што сакам да биде фотографирано. Секој ден, во минутата се случуваат прекрасни композиции, кои во моментот после тоа се растураат. Во ликовната уметност на пример, нема случајни ремек дела, но затоа во фотографијата има. Јас трагам по нив. Предизвик е да замрзнеш за навек момент кој се случил еднаш и никогаш повеќе. Дотолку повеќе да си во ситуација каде си чекор пред случувањето и го преценуваш дејствието во наредниот миг, сигурен дека неизбежното ќе се случи, спремен да го уловиш со едно “чкрап”. Нема подобро чувство од тоа да си ловец на време!

Loading