“Едно општество се распаѓа тогаш кога ќе го напушти својот јазик”! Застрашувачка реченица, зар не? Така ја доживеавме. Ја прочитавме и не нé остава намира. Дали може да се однесува и на нас Македонците ваквата констатација? Постојат многу причини кои тераат на вакво размислување. Го напуштаме ли ние својот јазик? Човек просто бега од таквата помисла, но практиката го потврдува тоа. Јазикот на медиумите, на политичарите, разни реклами, фирми, натписи, разни административни формулари, сево ова предизвикува немир. Предизвикува загриженост и укажува на тоа дека бегаме од својот јазик, бегаме од себе си.
Специфичен проблем кај нас претставуваат нашите имиња и презимиња. Пишувањето на оваа тема може да предизвика и револт кај определен број луѓе кои мислат дека името или презимето е интимно право и секој може да се вика или да се презива како што сака. Сме сретнале податок дека во Франција постои широк список со имиња и неопходно е новороденчето да добие име кое се наоѓа во тој список. Во Германија било забрането да се даваат измислени имиња. Воопшто, постојат многу земји каде што овој проблем е на некаков начин регулиран. Но, ете кај нас не постои никаква регулатива. Нека си се вика кој како сака.
Нашите имиња, во најголем број, имаат потекло од Библијата, значи или имаат еврејски или грчки корен. Со времето, некои од нив се видоизменувале, се приспособувале и добивале некоја наша форма. Некои пак се преведувале. Само за пример: грчкото име ТЕОДОР кај нас станало ТОДОР, женско ТОДОРКА. Тоа име се превело и на наш јазик и се добило БОЖИДАР, женско БОЖИДАРКА. Е, сега овие имиња звучат припросто па затоа им го отстапуваат местото на ТЕОДОРА и ТЕОДОР. ТЕОНА исто така и го зеде местото на БОЖИЦА.
Еден познајник, градежен работник, добил ќерка. Го прашавме како ја крстивте. Рече дека ја крстиле ПАМЕЛА. “Нека ви е здрава и жива” – му рековме. И така, како за облеката што има мода, така и со имињата. Ново време, нова мода – нови имиња. Кое од кое помодерно. Има и наши имиња, со словенско потекло, но полека-полека им го отстапуваат местото на “помодерните”. А се користат и многу деминутиви, галовни имиња – ГОРАНЧО, МАРЈАНЧО, НИКОЛЧЕ. Не само бабите што ги викаат така, туку тоа им се официјалните имиња. Кога ќе станат возрасни тие деца, кога ќе станат чичковци и дедовци, можеби ќе им биде малку необично на нивните внуци да велат ДЕДО МАРЈАНЧО, СТРИКО НИКОЛЧЕ и слично. Но така е тоа, со времето и имињата. Со модата.
Но, најопасната појава, која, исто така, станува некаква мода, тоа се презимињата. Почнува да се појавува некакво мислење дека презимето требало да има иста форма и за мажот и за жената. На пример, ако се презива мажот СТОЈКОСКИ и жената требало да биде СТОЈКОСКИ, а не СТОЈКОСКА. Ако е мажот СТОЈКОВ и жената СТОЈКОВ, а не СТОЈКОВА. Божем така било во цел свет. А не е така. И да е така, нека си биде таму каде што е така. Кај нас не е и не смее да биде. Кај нас (во најголем број) презимето е придавка и си го носи родот според тоа дали се работи за маж или за жена.
Ќе се вратиме на почетната реченица, за откажувањето од својот јазик, од себе си. Ова со презимињата е тотално откажување. Тоа е најопасната појава што може да ни се случи во нашиот јазик. Треба ли конечно да се отрезнеме и да почнеме да мислиме на она што најмногу го потврдува нашиот идентитет – ЈАЗИКОТ. Секое време носи определена мода и во имињата, но ова со презимињата е необично загрижувачка појава. Со тоа го напуштаме она што ни е својствено, карактеристично, наше.
Сме сретнале податок дека во многу земји човек не може да биде политичар, ако не го знае убаво својот јазик. Дури и тоа дека тие луѓе оделе на специјални подготовки. Се обучувале. Не само за чистиот јазик, туку и за начинот на изразување. Во многу земји, на различни начини се посветува особено внимание на јазикот. Кај нас… недајбоже, да навлезе таква “мода”. Дури тогаш ќе останеме без политичари, без Парламент. Кога би се спровело соодветно “екстерно тестирање”, како во училиштата, тешко дека некој ќе положи.
Немој, таква мода! Само тоа немој, Господи! Ако си рекол да одречеш!
Амин!
Благоја Ивчески