ПЕТ МЕСЕЦИ ЛЕТОВИ ВО ЈУЖНА АФРИКА

Параглајдерство: Мартин Јованоски на “црниот континент”

Спортот е во служба на туризмот – вели пилотот

Pogled od nebo kon Kejptaun - Martin JovanoskiНајдобриот македонски параглајдерист, Мартин Јованоски, од ноември до април претстојуваше во јужноафриканскиот град, Кејптаун, главното туристичко место. Таму работеше како тандем – пилот, лет за двајца, во една од 11 компании, кои професионално се занимаваат со туристичката дејност лет за туристи. Понудата ја добил по контакти на меѓународните натпревари поради огромниот интерес.

– Местото е сложено, со несекојдневни услови и затоа се ангажираат најдобрите пилоти од цел свет. Од 20 пилоти, половината бевме странци. Летањето е во служба на туризмот. Параглајдерството, спорт интересен за гледање, кај многу луѓе пробудува желба за летање со параглајдер. Се помалку туристи сакаат да се најадат и напијат, туку бараат разновидни доживувања – вели Јованоски.

Одлично минал, со нови искуства во познатата материја и не чуди што немал најмал проблем. Во контакти со клубовите согледал разлика. Додека кај нас е самофинансирање, кај нив зад секој натпреварувач стојат по десетина фирми и пилотот е професионалец. Во Кејптаун добро знаат која е Македонија, а за Јованоски дека животот повеќе го минува во воздух, отколку на земја. Во организација на локалните клубови одржал неколку предавања за летањето низ современи техники и тактики. Параглајдерите за туризам се слични на спортските, само поголеми, за двајца, а целта не е брзината, туку безбедноста. Речиси немал ден за одмор, оти секој бил работен. Времето е убаво, а паузата е реткост. Понекогаш се лета од седум наутро до седум навечер и на секој час има нов лет.

– Првин се прави куса подготовка со запознавање на сопатникот. Потребно е само десетина метри истрчување, да седне на удобна фотеља, да се врзе, да не паничи, да ги следи моите инструкции и да ужива. Глетката е прекрасна. Се ужива во панорамата на градот, морето, природата. Летот е 15-20 минути. Правиме фото и видео за спомен. Слетуваме на брегот. Сопатниците првин се исплашени, после презадоволни, оти не било страшно. Летаат деца од четири – пет години, а најстара беше 83-годишна Англичанка – раскажува Јованоски.

Мартин Јованоски има понуди за наредните пет години сезонски да претстојува во Јужна Африка и извесно е дека ќе прифати, затоа што е поврзано со параглајдерството, спортот и работа, која најмногу ја знае и сака.

СВЕТСКИ КУП НА ТРЕСКАВЕЦ

Претстојат два меѓународни натпревара во прецизно слетување. Кон крајот на јули е Светскиот куп на Трескавец, каде треба да се покажеме како добри домаќини. Кон крајот на август е Европското првенство во Вршац, Србија, каде репрезенентацијата на Македонија е најавена со сите прилепчани. Покрај “бронзениот” од Литванија 2007, Мартин, се Миле и Борјан Јованоски (ПК Делта), Кристијан Темелкоски и Златко Спиркоски (ПК Делта клуб). Се очекува висок пласман, но услов е финансиската поддршка за да се отпатува на континенталниот шампионат.

Лани, иако фаворит за медал, Македонија не учествуваше на Светското во Сараево.

Loading