ЧОКОЛАДИТЕ НА ВИТАМИНКА НАЈБЛИСКУ ДО ШВАЈЦАРСКИТЕ

Витаминка инвестираше 2,5 милиони евра во нови машини, БИЛЕР за производство на чоколадо. Првите производи ќе излезат на почетокот на 2015 година.

Прилепската прехранбена индустрија Витаминка го опреми својот производствен погон за чоколадо и чоколадирани производи со нови машини од швајцарскиот бренд БИЛЕР, кои се користат од сите швајцарски производители на чоколадо и во најголема мера влијаат на квалитетот на чоколадото. Со оваа технологија Витаминка ќе произведува висококвалитетно чоколадо, единствено во Македонија.

– Покрај квалитетот на состојките во чоколадата, за производство на висококвалитетни чоколади е нужна и висока технологија. Со овие машини, кои се премиум бренд во индустријата и стандардно квалитетните состојки кои ги користиме, ќе биде најдобар квалитетот на нашите чоколади и чоколадирани производи во Македонија, но и во регионот. Со оваа инвестиција, процесот во првата фаза на производство, каде што се прави чоколадната смеса, ќе биде поедноставен, а потоа и забрзан. Со тоа и капацитетите ќе бидат зголемени за трипати – изјави Сашо Наумоски, генералниот менаџер на Витаминка.

На швајцарските машини БИЛЕР се произведува повеќе од 60 отсто од чоколадото во светот, вклучувајќи ги сите швајцарски производители. Имено, развојот на приказната за познатото швајцарско чоколадо е тесно поврзана со машините на БИЛЕР, бидејќи како бренд постојат повеќе од 100 години и се дел од производствениот процес на сите фабрики за чоколадо во Швајцарија.        

Loading