ОД ГИМФЕСТ ДО КЕЈПТАУН

СОУ Гимназија “Мирче Ацев”

Gimnaziskiot hor vo teatarska pretstavaНа крајот на учебната 2013/2014 г. СОУ Гимназија “Мирче Ацев” направи ретроспектива на активностите на учениците, професорите и воопшто на вклученоста на училиштето во општествената средина. Активности имаше многу, а ангажирањата на гимназијалците максимални. Изминатава учебна година се организираа интересни манифестации кои го привлекоа вниманието на јавноста.

Уште во септември се промовираше новата работна облека за учениците, изработена од квалитетен материјал, во тренди стил, што овозможува учениците да се чувствуваат пријатно и да се вклучат во тековите на современите училишта.

Во ноември во витрините се стави признанието од Општината. СОУ Гимназија “Мирче Ацев стана добитник на Третоноемвриската награда, заради постигнатите резултати од инфраструктурен, организациски и воспитно-образовен аспект. Со наградата Прилеп потврди дека Гимназијата, учениците, професорите, директорот и останатите вработени несебично вложуваат на полето на воспитно-образовниот процес. Ова е едно од најдрагоцените признанија и најсилна потврда за покажаниот успех на сите рамништа. Гимназијата вторпат е добитник на плакетата Трети Ноември, што покажува дека  се следи континуитетот на најдобро средно училиште.

Во деновите пред Нова Година и Божик, гимназијалците се впуштија во низа хуманитарни активности. На 25 декември 2013 г. дел од учениците и професорите ги посетија станарите на Домот за стари и изнемоштени лица “Киро Крстески- Платник”. Со рецитали, песни и ора, учениците приредија пригодна програма и ја честитаа Новата Година со желба за многу љубов и внимание. За задоволството да биде уште поголемо, луѓето од третото доба, со солзи во очите и широка насмевка на лицата, пееја и играа заедно со учениците, враќајќи се во нивната младост.

Хуманитарците ги посетија и Домот за доенчиња и мали деца во Битола и  децата со посебни потреби во ОУ “Климент Охридски”.  Со донаторската акција за собирање играчки и облека, што се спроведе меѓу учениците, со пригодната приредба, што ја подготвија учениците, се измамија многу насмевки кај децата – штитеници во овие установи.

Како секоја година, учениците и професорите реализираа низа активности за достојно одбележување на Патрониот празник. Почнувајќи со изложба на ликовни творби во холот на Гимназијата во периодот  (23-26.12.2013 год,) потоа спортски натпревари во одбојка, шах и кошарка, поетска вечер, полагање цвеќе на Могилата на непобедените и пред бистата на Мирче Ацев во дворот на Гимназијата, за на крај, вечерта на 04.01.2014 год. традиционално да биде приредена свечена академија во театарот “Војдан Чернодрински”. Посебно внимание привлече поетската вечер во кафулето “Таке Фиве”, под мотото “Незаборав”.

Понесени од магијата на лириката, гимназијалците организираа уште една незаборавна уметничка атракција – Поетска вечер за виното и љубовта на 14 февруари во “Арт кафе- Апореа”.

На 21 февруари 2014 г. традиционално се одржа трибина по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Темата беше “Стандардниот македонски јазик во воспитно-образовниот процес”. Еден од учесниците на трибината беше и директорот на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Гоце Цветановски. Присуствуваа ученици, професори и родители. Живо се дискутираше за грижата и употребата на македонскиот стандарден јазик.

Во март учениците се вклучија во еколошките акции организирани од локалната заедница.

Младите франкофони го одбележаа месецот на Франкофонијата со манифестацијата “Франкофонска вечер”, на 24.03.2014 година во театарот  “Војдан Чернодрински”.

На 4.4.2014 година во Центарот за култура “Марко Цепенков” се одржа четвртиот ГИМФЕСТ – најомилениот проект на гимназијалците. Беспрекорна беше реализацијата во која најголем придонес даде професорката по музичка уметност м-р Татјана Иваноска. Гимназијалците уште еднаш демонстрираа раскошни таленти и богата музичка понуда. Настапија 18 учесници, кои ја воодушевија публиката. Во сиилна конкуренција, жири комисијата за најдобри ги одбра трето место Марио Ангелевски, второ место Доротеа Дамјаноска и прво место Дарија Илиоска. Собраните средства се донираа во хуманитарни цели.

Во април се организираше Траш фешн при што учениците ја покажаа креативноста, но и знаењето. Публиката се воодушеви од модните креации изработени од отпадни материјали.

Гимназијата беше домаќин на Интернационалниот натпревар за англиски јазик – ХИПО.

На сите активности, учениците и професорите, со голема поддршка од директорот Кире Николоски, ги покажаа одличните организаторски квалитети.

Гимназијата не би била тоа што е без успесите на учениците. Знаење стекнуваат најдобрите средношколци. Потврда се најдобрите резултати. Речиси и да нема државен натпревар, на кој не учествуваат ученици и редовно се враќаат со по некое освоено место меѓу првите три.

Математичарот Стефан Николоски го прослави и училиштето и себе си на Меѓународните и Државните натпревари. Во конкуренција од 118 ривали од цел Балкан, го освои третото место од од 2-7 мај во Плевен, Бугарија. Со овој успех, Стефан обезбеди учество на Светската математичка олимпијада, која ќе се одржи во почетокот на јули во Кејптаун – Јужна Африка.      

Претходно Стефан го освои второто место на Македонската математичка олимпијада.

На 25-тиот Државен натпревар по информатика, во програмирање, на 22 март 2014 год. во Скопје, Стефан го освои второто место. Тој беше вицешампион меѓу 50 средни државни и приватни училишта со околу 100 конкуренти.

Резултатот му овозможи учество на 28-та Македонската Олимпијада по информатика на гордоста на Гимназијата, Стефан.

Од успесите на Државните натпревари со висок пласман се и учениците: Стефан Неделкоски прво место Државен натпревар по хемија, Марко Маркоски трето место  – Државен натпревар по математика, Гимназискиот хор беше прв на Државниот натпревар по хорско пеење, Мартин Димитриески – второ место на Државен натпревар по сообраќајно техничка култура на младите, Јулијана Димитриоска – второ место во стрелаштво, Илија Пајмакоски – прво место во атлетика на Гимназијадата во Охрид, Владимир Здравески, Ѓорѓи Десподов и Софија Шишевска трето место на МАСУМ за најдобар постер.

Од Државниот натпревар на млади истражувачи (НАРОДНА ТЕХНИКА), гимназиската екипа се врати со многу освоени награди. И тоа: Јана Пашовска  – прво место по аналитичка хемија, Теодора Тасевска  – прво место за еколошка хемија, Теодора  Петкоска – прво место по неорганска хемија, Никола Момироски – прво место астрономија, Елена Вандевска – второ место астрономија, Елена Спиркоска – трето место применет софтвер, Петар Маркоски – трето место електроника и електротехника.

Да се добие целосна слика за успесите треба да се набројат и спортските постигања. И гимназиските спортисти високо се пласираа на Државните натпревари. Неприкосновени беа каратистите. Резултатите ги  потврди и Федерацијата на училишен спорт на Македонија: Маријана Димоска – прво место во карате, Мишела Димоска – второ место во карате, Огнен Тодороски – второ место во карате, Михаил Петрески – трето место во карате, Бојан Димески – трето  место во карате.

Профилот на гимназијата го дополнуваат и многуте ученици кои на полето на литературата учествуваа на бројните Меѓународни и Државни конкурси за поезија, проза, рецитирање, пишување есеи и сл. Повеќе гимназијалци се закитија со награди, признанија, пофалници. Меѓу нив се и учениците Теодора Сиљаноска и Филип Димкоски, кои ги објавија своите втори книги со поезија.

Учениците од најголемото средно училиште, успешно ја завршија учебната година. Постигнатите резултати се потврда за ангажирањата, вредната работа и амбициозноста. Резултати ќе бидат поттик за иднината. Освоените награди и пласманот на високи места на Меѓународните  и Државните натпревари се силни аргументи дека наградата “Трети Ноември” отиде во рацете на најдобрите од областа на образованието.

Задоволството не е присутно само кај учениците. Среќни се и професорите, а најмногу директорот, кој вели дека “За Гимназијата да биде тоа што е, најголема заслуга имаат учениците. Тие се оние во кои веруваме, во кои се надеваме. Секогаш ќе ја имаат мојата несебична поддршка”.

Сите активности и резултати ја етаблираат Гимназијата на врвна позиција меѓу образовните институции во Македонија. 

Loading