БРАВО ЗА ГОЦЕ

ivce1Кој е Гоце Георгиевски и што знаеме за него? Знаеме само тоа дека е десно крило на ракометниот клуб “Металург” и на македонската ракометна репрезентација. Знаеме дека е одлично десно крило, а неговите голови секогаш се мошне ефектни. Воопшто, неговата игра предизвикува восхит. Никогаш не сме можеле и да претпоставиме дека ова русокосо момче ќе не воодушеви и со нешто друго. За што станува збор? Многу од нашите спортисти честопати се гости во некоја од националните телевизии. И овој случај беше таков. Гоце гостуваше во две телевизиски емисии. Кога се во прашање спортистите, обично, јазикот, македонскиот јазик, им е доста нечист. Прават многу грешки. Понекогаш со тоа дури и ги ставаат во сенка спортските квалитети. Зборот УТАКМИЦА го слушаме премногу често од овие луѓе. Ретко некој да рече НАТПРЕВАР. Спортистите редовно одат на подготовки, но речиси сите, велат – ПРИПРЕМИ. Така велат и нивните тренери, со ретки исклучоци. Начинот на играње на Гоце Георгиевски е мошне допадлив и тоа не натера да го слушаме внимателно што ќе каже и како ќе каже. Бевме многу пријатно изненадени. Гоце не направи ниту една јазична грешка. Тој факт навистина предизвикува пријатно чувство. Некое време си помисливме дека, ете, можеби случајно Гоце рекол НАТПРЕВАР или ПОДГОТОВКИ, но тој тоа го повтори повеќепати. Значи тие зборови се втемелени во неговиот речник. Направи Гоце само една ситна грешка. Наместо “така што” тој вели “така да”. Таа грешка е мошне честа. Ја прават многумина. Ја прават и воопшто не знаат дека не треба така. Ете, грешката влегла и во речникот на Гоце. Веројатно тој не е свесен за тоа.

Малку е необично што изразуваме восхит од еден ваков, би се рекло, обичен случај. Но Гоце Георгиевски навистина го заслужува тоа. Тој живее во истата средина со луѓе на кои јазикот им е периферна грижа. Средина, во која јазичните грешки не можат да се добројат. А кога во такви околности ќе се чуе вака убав и чист македонски јазик, тоа навистина заслужува и повеќе од пофалба.

Спортистите, обично се гости во емисии каде што домаќини им се спортските новинари. Овој случај не беше таков, но спортските новинари ќе треба да му позавидат на Гоце. Тие прават, честопати, недозволиви грешки. Овој пат ќе наведеме само неколку нелогичности, би се рекло, бесмислици. Се играше ракометен натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Данска. Пред да се интонираат химните, коментаторот не информира дека сега ќе сме ги слушнеле “Химните на двете репрезентации”. Нормално е, во таква ситуација човек да помисли дека станува збор за случајна грешка. Но коментаторот не демантира. Откако заврши македонската химна, тој вели: “А сега ќе ја чуеме химната на данската репрезентација”. Како е можна ваква бесмисленост? Според ова, произлегува дека репрезентациите на Македонија и на Данска имаат свои химни. Лошо е кога зборот оди побрзо од мислата. Сме пишувале и порано, но ќе повториме. Спортскиот коментатор вели: “Ќе ја гледаме нашата најдобра ракометна репрезентација”. Па колку ракометни репрезентации имаме ние? Друго е ако станува збор за младинска, кадетска или за некаква друга репрезентација со некаков предзнак. Но кога ќе се рече репрезентација, се знае дека е тоа најдоброто нешто што го има секоја држава од определен спорт. Но, да ги оставиме сега спортските новинари. Инаку, тие ни се честа тема. Да се вратиме на Гоце Георгиевски. Не знаеме, можеби тој студира на Филолошкиот факултет. Можеби тоа ќе му биде професионална определба? Но, како и да е, тој заслужува комплимент за чистиот јазик. Можеби тој никогаш нема да го прочита овој напис и не ќе дознае дека го споменуваме. Сигурно ќе му свират ушите. Ако! За добро е споменуван! А доброто секогаш треба да се пофали, без разлика кој го направил и каде го направил.

Браво Гоце! Ти благодариме!

Благоја Ивчески

Loading