БИБЛИСКИ ЖИВОТ ОД КАРТОН

Скоро избркан од автосалон според изгледот, но купил Лада

Стар човек со побелена брада, несредена коса и стара облека на шеесет годишна возраст е секојдневие за прилепчани. Постојано е со стариот велосипед кој му “помага” да ги собере пластичните шишиња, картоните и фрлената хартија. Цел ден е на нога. Шпарта да најде отпад, кој би го однесол за откуп. Парите што Ристе Ристески ги зема, не ги користи за него, туку купува храна за сите Господови суштества – кучиња, мачки, гулаби… Дневно троши по 20 килограми пченица за гулабите. Смета дека тие птици се симбол на мирот и заслужуваат некој да се грижи за нив зимно време.

Пред да го започне аскетскиот живот бил продавач во Црвени Стени и Инзап. Барајќи подобар живот, заминал во Холандија, на плантажа за каранфили. Имал дури и девојка која, како што вели, многу го сакала.

Од убавините што ги пружа Западот, се вратил, како што вели,  да нé избави од гревовите, да сме чисти пред Бога, кога ќе дојде Судниот ден. За Ристе, секое нешто што ќе се случи, добро или лошо, е награда или казна Божја. Затоа и се молбите кон Севишниот за подобар живот и спас од глад, суша, војни и немаштија.

Животот го живее според строгите правила на Светото писмо. Пости, секој ден се моли во црква, но не пали свеќи, оти вели дека не биле восочни. Неколку години минал и во пештера како Свети Јован, без допир од надворешниот свет во близина на селото Пештани во Мариово.

Во заедничката куќа со брат му нема ни телевизор, ниту радио, а ноќта ја “разденува” со свеќа. Оган не пали, оти го топли љубовта од Господ. Електричните апарати ги смета за лошотилак и дека од нив излегува само зло и сите болести ги предизвикува струјата. 

Со својот ексцентричен изглед пошол во Скопје да купи нов автомобил, оти му останале пари од откупениот отпад. Таму продавачите скоро го исфрлиле од салонот, мислејќи дека е бездомник. Со парите в рака, ги разубедил, па сега има “Лада”. Првин со неа одел Грција, но се откажал оти повеќе сакал парите да ги троши на животни, отколку на бензин.

Едно време бил и во Кувајт, сакајќи да си ја проба среќата како фудбалер. Ама кога стигнал, разбрал дека правилата не дозволувале странски играчи да играат таму.

Сега е повторно во Градот под Марковите кули и постојано ги советува сограѓаните да не палат оган на празници, а и да не ја горат непотребната хартија, затоа што таа за него е и црква, и пород, и татко и мајка. Хартијата се прави од дрва, што се Господов подарок на човештвото, па собирајќи ја сака да го искупи човечкиот род од ништењето на шумите.

Во собирањето на отпад има силна конкуренција. Не се жали, оти смета дека секој има право да си живее од трудот. Нема “обележано” свои територии што ги смета за екслузивно негови. Животно мото му е дека со скрстени раце не се живее, и дека мрзата е игралиште за ѓаволот. Со таа мисла секој ден тргнува во нови походи да си обезбеди нормален живот.

– Луѓето се многу агресивни и лакоми. Не знам зошто. Ги поминав тие патишта по Европа, која живее од шверц, криминал и богохулие, а сега се вратив на исконското, човечкото, чистото и чесното – на љубовта кон Бога, на љубовта кон сите – заврши Ристески или како што го викаат Кралот на мукавите

Loading