500 ЕВРА ПЛУС ЗА ИСПОТЕНО ЧЕЛО, СТРЕС, СЛОЖЕНИ ИНТЕРВЕНЦИИ

ТРОЈЦА ПРИЛЕПЧАНИ ВО “100 НАЈДОБРИ ЛЕКАРИ”

500 ЕВРА ПЛУС ЗА ИСПОТЕНО ЧЕЛО, СТРЕС, СЛОЖЕНИ ИНТЕРВЕНЦИИ

Хирургот Цветанка Маркова, ортопедот Илија Јованоски и физијатарот Тинка Јорданоска добија двојна плата заради најголем учинок

Јавно признание, парична награда од 500 евра и владин приврзок со натпис на проектот “100 најдобри лекари”, досега добијаа тројца лекари од прилепската болница. Со “лаври” се закитија хирирургот Цветанка Маркова, ортопедот Илија Јованоски и физијатарот Тинка Јорданоска.  

Системот на примање плата согласно бројот на пациенти, Министерството за здравство го применува од лани. Во август беа промовирани првите најдобри 20 лекари, од клиниките во Скопје и од внатрешноста, кои добија двојна плата за јули, бидејќи софтверската селекција покажала дека оствариле најголем учинок, собрале најмногу бодови и извршиле најголем број сложени интервенции. Меѓу првите, беше и хирургот Цветанка Маркова, кои за високите резултати, Министерството за здравство ги награди со 500 евра и посебно признание на свеченост организирана по повод 8-ми Септември – Денот на независнота.

МАРКОВА ЈА ДЕЛИ НАГРАДАТА СО ТАНДЕМОТ БОГОЕСКИ

Д-р Цветанка Маркова, која е првата жена хирург и жена директор во болницата, вели дека нема промена во темпото на работа, ниту пред, ниту по добивањето на наградата, но í значи и се радува за признанието за регистрираниот вонреден труд.

– Немаше да бидам она што сум во стручниот дел без помош на колегите, а особено на д-р Драган Богоески. Хуруршката работа е екипна. Наградата им припаѓа на сите, на тимот од анестезиолози, сестри, болничари, до началникот, но најмногу на Богоески. Заедно влегуваме во ризик, но и заедно се радуваме на успехот. Вреднувањето е реално, предлозите се резултат на податоците добиени од ДРГ системот, односно сработено врз база на дијагнози. Во последно време има многу патологија, особено е присутен карциномот на дебелото црево. Потребен е апарат за колоноскопија со кој пациентите ќе добиваат побрза дијагноза, ќе им се намалат трошоците по другите градови, а секако и ќе се добие во време за побрза интервенција. Имам апелирано до сите. Неопходен е и мамографот, зашто и ракот на дојката е зачестен. Хируршката работа е многу стресна, тешка, одговорна особено, ноќната, дежурствата итн. Ме одржува љубовта кон хирургијата. Прифатливи се вреднувањата со предложените измени на синдикатот. Не сакам да бидам трн в око на колегите, доколку бидам наградена, за сметка на друг, кој ќе е оштетен. Треба сите да тргнат од единица – вели д-р Цветанка Маркова, хирург.       

ПРИЗНАНИЕТО ГИ СТИМУЛИРА И КОЛЕГИТЕ

Во “100 најдобри лекари” од 1 март се приклучија уште двајца лекари од Прилеп, ортопедот Илија Јованоски и физијатарот Тинка Јорданоска кои заедно со 40 лекари од јавното здравство кои имале најдобри перформанси, според проектот за плаќање, ги примија ваучерите од 500 евра.

– Прекрасно е чувството да си избран и да си во тимот од 100-те најдобри лекари. Среќна сум и задоволство ми е што сум наградена. Добро е трудот да се вреднува, но мислам дека сите лекари чесно си ја “бркаме” работата. Нема лекар што не работи, а показател се празните чекални пред амбулантите при крајот на работното време. Убаво е почесто да има ваков стимул. Наградата е за јануари, период кога после мразевите имаше поголем број скршеници, а се почести и ревматските дегративни заболувања. Специфична е работата со луѓе, но има успех кога се има љубов кон професијата. Го почитувам работното време, претпоставените, ги ценам пациентите и кон сите имам коректетн однос. Многу помага и 26 годишното искуство да се издржи и квалитетно да се сработи. Има и нетрпеливи пациенти, долги се административните процедури со кои се губи време. Со електронското закажување сметам дека ќе се надмине тоа. Ова ќе биде стимул и за моите колеги – вели д-р Тинка Јорданоска, физијатар.

500 ЕВРА И ЗА ОРТОПЕДОТ ЈОВАНОСКИ

И надалеку докажаниот ортопед Илија Јованоски е во тимот на најдобрите. И покрај закажаниот термин за интервју за неделникот “Зенит”, не успеавме да добиеме одговор што претставува ваучерот за посветената работа, бидејќи Јованоски заминал итно за Скопје. Не одговори ниту на телефонските повици.

Инаку, името на Јованоски е синоним за експерт за колено, колк… Познат како стручнак за трансплантацијата на преден вкрстен лигамент што е многу тешка повреда кај спортистите. Тој изведе прва артроскопска интервенција во Болницата во 2000 година. Прикажан е на меѓународен конгрес. Годишно оперира по 70-ина пациенти. Тој е првиот доктор во Македонија кој по својата специјализација во Шпанија ја имплементира оваа метода и артроскопски ги оперира пациентите. Неодамна оперира и англиски пациент што е доказ за неговата стручност.

Наградените доктори, придонеле за покачување на нивото на квалитетот на здравствена услуга, но и на стандардите во давањето на услугите.

Инаку, проектот кој треба да ја валоризира работата на оние кои најмногу се залагаат во здравствените установи, наиде на неприфаќање кај дел од лекарите од независниот клинички синдикат кои и штрајкуваа, сметајќи дека платата според сработеното е незаконска.        

Loading