ВИДОВИ, А НЕ ВРСТИ

Млад човек. Директор на основно училиште во Прилеп. Во телевизиска емисија зборува за своето училиште, за реновирањето и воопшто за сите градежни и хигиенски зафати на објектот. Не информира дека наполно биле реновирани санитарните ЧВОРОВИ, а подовите биле ИЗРИБАНИ. Вакви грешки сме слушале и од други луѓе, но не смее да ги прави човек кој работи со деца. А знаеме дека децата безрезервно веруваат во она што го слушаат од своите наставници. А од директорот, уште повеќе. Но, младиот директор не знае дека во македонскиот јазик го нема зборот ЧВОР. ЈАЗОЛ е тоа кај нас. Санитарен ЈАЗОЛ. Децата го слушаат тоа и тешко дека некој ќе ги увери, оти директорот греши.

Подовите во училниците биле ИЗРИБАНИ. Така вели директорот, а глаголот РИБА (изриба) го нема во нашиот јазик. Станува збор всушност, за чистење на подот со ТРИЕЊЕ, ИСТРИВАЊЕ. Обично, со некој погруб предмет, крпа или четка. Тој начин на чистење може да се објасни и на поинаков начин и со други зборови, а не да се користи српскиот глагол РИБА или глаголската именка РИБАЊЕ.

Оваа грешка, сосема случајно, ја слушнавме и на една скопска телевизија. Беше тоа некоја емисија за мали деца. Таму, во некаква голема вода пловат мали бротчиња. Во еден момент еден од актерите вели дека ЗАРИБАЛ моторот на едно од бротчињата. Мошне често ја слушаме и оваа грешка. А станува збор за тоа дека моторот ЗАГЛАВИЛ, БЛОКИРАЛ, а не ЗАРИБАЛ. Грешките стануваат потешки токму поради тоа што ги прават луѓе кои работат со деца и што се употребуваат во емисии за многу мали деца.

Многу често ја среќаваме погрешно употребена придавката ЗАПОЗНАТ. Да речеме дека некој странски државјанин е добро ЗАПОЗНАТ со нашата политичка ситуација или да речеме дека наставникот е добро ЗАПОЗНАТ за психичката состојба на некој ученик. Примери има и можат да се наоѓаат многу, но чудно е зошто оваа придавка се изговара и се пишува погрешно? Зошто не се вели ЗАПОЗНАТ, туку ЗАПОЗНАЕН, ЗАПОЗНАЕНА, ЗАПОЗНАЕНИ? Двајца луѓе ако се ЗАПОЗНААТ, стануваат ПОЗНАТИ, ЗАПОЗНАТИ, а не ЗАПОЗНАЕНИ. Грешката е редовна и речиси,на сите медиуми.

На МТВ се емитува квиз. Убаво. Потребни се таквите емисии. Но, се чини дека не постои емисија, а да не е придружена со многу јазични грешки. Еве, така е и овде. Не можеме да ги запаметиме сите. Ќе набележиме само една што ја чувме на последното емитување на квизот. Во прашањата што ги поставуваше водителот, стануваше збор нешто за растенија, за дрвја, а водителот вели, односно прашува за какви ВРСТИ растенија станува збор. Истата грешка ја слушнавме вечерта во друга емисија. Новинарот објаснуваше за квалитетот на млекото во нашите продавници. Ни кажа новинарот дека ќе се прегледувале, ќе се анализирале сите ВРСТИ на млеко. Таа именка на македонски гласи ВИД (видови), а не ВРСТИ. На пример, класа предмети или луѓе што имаат еднакви карактеристики: разни видови чевли, два вида брашно. Така се вели и за слични организми кои меѓусебно се оплодуваат – ЖИВОТИНСКИ ВИД. За некои животни кои се загрозени, кои ги има се помалку, се вели дека се загрозен ВИД. Затоа таквите животни се заштитени со закон и ловењето е забрането.

Да не завлегуваме во таа проблематика. Важното е дека во нашиот јазик не се ВРСТИ, туку се ВИДОВИ.

Во нашите медиуми грешките се РАЗНОВИДНИ. И не само во медиумите. Насекаде. Насекаде среќаваме грешки од најразличен ВИД. И граматички и лексички и синтаксички. Во сите области и од сите ВИДОВИ.

Благоја Ивчески

Loading