ОД ШТАЛА, АВИОН

Реставрира стари мотори, а за Прочка парадираше со славниот авион двокрилец од Првата светска Војна

Менде Трајкоски од котлар и хаус мајстор, станал пасиониран собирач на уникатни, ретки мотори и автомобили. “Заразата” го фатила пред 25 години кога заедно со круг на ентузијасти од селото Крклино, Охрид, Неготино и Скопје решиле да реновираат стари италијански и германски мотори.

– Нов мотор, па макар и најубав, со добра кубикажа, не ми е интересен. Предизвик и задоволство ми е да најдам некој стар, дотраен мотор, отслужен, и да го вратам во живот. Што постар и порасипан, тоа подобро – го објаснува необичното хоби Менде.

Низ негови раце поминале преку 20 мотори што Трајкоски ги наоѓал со карта на која биле бележани сите села и места, каде можно е да се најде “старудија”. Најстар во колекцијата е италијанскиот Џилера од 1928-ма година, па BMW од 52-ра, MAX, Adler и миленикот Pretus од 63-та година. 

– Процесот на реставрирање тече од наоѓање на антиквитет, расклопување на делови, сортирање кој дел чини, а кој не, и склопување на моторот со фарбање, да изгледа како ганц нов, излезен од фабрика. Најинтересен дел од “враќањето во живот” на моторите е наоѓањето на делови кои недостигаат. Тогаш настанува вистинска авантура по клипови, свеќички, ауспуси… Со познаниците си делиме и совети и делови, а ако нема оригинален, користиме делови од Застава 750 и Рено 4. Тие се најпогодни за обработка на машина и “да легнат” на место. Едно време работев и со автомобили и тоа од Втората светска војна, Опел Олимпија и Опел Капитен, што се користеле како штабни коли од Германците.  За тоа имам куп дипломи и пофалници за учества на рели натпревари и мото – шоуа – кажува Менде, кој успеал да го задржи хобито, покрај финансиските проблеми и грижата за трите деца и сопругата.

Приказната за автомобилите е завршена за Менде кој е преориентиран кон мотори. На времето ги правел како американските чопери со долги рачки и потпирач на седиштето, додавал количка за поавтентичен изглед, а се обидел да прави и крос мотори. Потоа повторно се посветил на враќање на оригиналниот изглед.

– Еден човек имаше стар мотор – Cindap. Проблем имаше кај  акумулаторот. Бил кај сите мајстори, ама нигде не нашол чаре. На крај пошол на пазар да бара платина за акумулаторот. На пазар му рекле да дојди кај мене. Кога го видов, веднаш знаев што е проблемот. Му го дадов делот, ама тој инсистираше да му го монтирам. За три дена го поправив и му го однесов дома кај него во Тризла. Цела населба се крена на нозе, оти моторот беше ем стар, ем немаше придушувач на ауспухот. Луѓето си помислија небаре авион оди по улица. После тоа станавме големи пријатели и ниедни пари не вредат колку почитта што ми ја дава тој човек до ден – денешен – раскажува Менде.

Додека бил на ланското дефиле за Прочка, видел дека нешто грандиозно и уникатно недостига. Од тогаш цела година “умот му брчел” што да направи за поинтересен карневал годинава. Му светнала идејата за авион – двокрилец, сличен на тој од асот во Првата светска војна, Баронот фон Рихтонфен или Црвениот Барон.

– За еден месец ја реализирав идејата. Најдов оригинални планови од интернет за црвениот биплан, и со арматура покриена со црвена фолија го направив верен на оригиналот, со распон на крилата пет метри и исто толку долг. За Прочка два часа стоев на стартната линија, затоа што на минувачите им беше интересен и сакаа да се сликаат со него. Не добив награда, но задоволство ми што публиката ми го бендиса изумот кој имаше и мотор со елиса и тркала. Ја добив “народната” награда. Единствено жал ми е што ми скратија од настапот, зашто во точката требаше да излезам од авионот и со гајда да ја запеам “На пат одам, за пат прашам” – кажува Менде со гајдата до него.

Децата растат, а со тоа паѓа интересот за хобито. Затоа гледа да ги штеди парите за фамилијата, и да земе некој денар од изработка на земјоделски алати. За мотиките, машините за копање за тутун и машите за шпорети ги користи истите алати со кој ги реновирал моторите. 

Loading