ОБЈАВА, А НЕ ОБЗНАНА

Демонстрации, протести, митинзи – демократија. Ете, и на таков начин се бара правдата, вистината и, според демонстрантите, решавање на некои нерешени проблеми. Причините разни и од разни области. На некои демонстрации или митинзи сме слушале и за тоа дека јазикот и идентитетот не ги даваме. А токму тука, во јазичната проблематика, ситуацијата ни е повеќе од лоша. Веќе станува банално да повторуваме дека јазикот, нашиот јазик, го обезличуваме до крајни граници. А зошто никој не протестира за тој проблем? Не мора да биде тоа демонстрација со пароли, со извици, со навреди. Нека бидат поинакви формите на протестирање. Нека биде тоа на телевизиските програми, во печатот, на одредени трибини.

Многупати сме слушале да се вели – каде се интелектуалците? Зошто тие не се огласуваат, не поведуваат иницијатива за решавање на некој проблем? Велиме дека ситуацијата со јазикот (со националниот белег) ни е лоша. А виновникот? Кој е тој? Ужасен е податокот, но највиновни се токму тие, интелектуалците. Не можеме да бараме од стечајните работници, од тутунарите и слични на нив, да зборуваат на литературен јазик. А интелектуалците?! Па, тие треба да го познаваат добро македонскиот јазик. Од нив треба да учат обичните луѓе, “неинтелектуалците”. За интелектуалци ги сметаме образованите, високообразованите луѓе. Најчести “гости” во домовите се интелектуалците од областа на политиката и журналистиката. Во последно време и актерите кои ги синхронизираат сериите од телевизиските програми. А, и обичните луѓе и недоволно образованите, реагираат и негодуваат против оној јазик што го слушаат од интелектуалците. Тие, не само што прават јазични грешки, не само што употребуваат безброј србизми, туку и конструкциите на нивните реченици се, во многу случаи, сосема испакуличени. И за едното и за другото ќе приведеме неколку реченици изговорени од некои наши новинари и политичари.

Новинарот не известува и вели: “Премиерот ги ОБЗНАНИ одлуките”. Честа грешка, во последно време. Каде ли го најде глаголот ОБЗНАНИ? Тој збор ниту е наш ниту ни треба. Тој само потсетува на онаа фамозна ОБЗНАНА од страна на кралот во Кралството Југославија од 30. 12. 1920 година. Глаголот ЗНАТИ (обзнанити) го нема во нашиот јазик. Исто така, и именката ОБЗНАНА. Најсоодветен збор кај нас е ОБЈАВА. Премиерот ја ОБЈАВИЛ одлуката, а не ја ОБЗНАНИЛ.

“Се излеа Црна Река и ги поплави нивите ЗАСАДЕНИ со житни култури”, така не информира новинар од нашиот Јавен сервис. Господин новинар, па и децата знаат дека житата се СЕАТ, а не се САДАТ. Колку ли колчиња ќе ни требаат за да насадиме една нива со жито?!

Некаде се случило убиство: “Убиецот бил НАКЛУКАН со тестостерон”. Глаголот КЛУКА, кај нас има друго, поинакво значење. Може некој да ЧУКА, клукајдрвецот КЛУКА во дрвото и прави дупка. Од ревматични болки може некого да го КЛУКААТ зглобовите и т.н. Во нашиот јазик би се рекло дека убиецот бил НАКОЛКАН, а не НАКЛУКАН. Нели и мисирите, пред Божик, ги КОЛКААТ (не ги клукаат) со ореви за убаво да се ЗГОЈАТ (не да се товат).

Кога гореше конакот во манастирот Трескавец бевме информирани – “Премногу го НАЛОЖИЛЕ шпоретот”. А во квизот на МРТ, во една од игрите се бара да се погоди точниот збор, точниот одговор. Е, тој гласел ЛОЖАЧ. Грешка. Кај нас тој збор глаги ОГНАР, а не ЛОЖАЧ. А оние со шпоретот, значи дека премногу го РАСПАЛИЛЕ, го РАЗГОРЕЛЕ огнот, ставиле многу дрва. Ложењето кај нас има друго значење. Ако падне и ако се повреди некој, бабите го ЛОЖЕА со кромид. Ставаа кромид на болното место. Ете, тие се ложачи, што ложат со кромид, а не што палат оган.

Големите дождови предизвикале големи наноси и нечистотија во градската река. Новинарот ни кажа: “Реката СЕ ЧИСТИ ОД НЕЧИСТОТИЈАТА”. А, од што може да се чисти, ако не од нечистотијата? Доволно е да се рече дека реката се чисти.

“Крадците го ОГРАБИЛЕ пленот и избегале”. Каква нелогичност. Па, крадците влегле во куќата и го ограбиле сопственикот, а не го ограбиле пленот. Можеле, евентуално, да го ГРАБНАТ пленот, а не да го ОГРАБАТ.

Ќе споменеме двајца челници. Едниот е на ракометната репрезентација, а другиот челник на една партија. Оној од репрезентацијата, ги собира играчите, им дава инструкции и кога треба играта да почне, вели: АЈМО, АЈМО!

Политичарот ги собрал сопартијците и тој дава инструкции како треба да се дејствува и на крајот вели: АЈМО, АЈМО! А тоа е всушност српскиот израз АЈДЕМО или скратено АЈМО! Кај нас тоа го нема во прво лице множина, како што го има во српскиот – АЈДЕМО. Ние во народниот говор имаме АЈДЕТЕ, второ лице множина. Затоа, доволно е – АЈДЕ, АЈДЕ! Во некои случаи може и – АЈДЕТЕ но, АЈДЕМО  (ајмо) не може и не смее во никој случај.

Ќе го крене ли некој гласот против овие неправилности во нашиот јазик?! Ние, ваквите ретки Донкихоти, не можеме да ги надвикаме оние кои треба и да викаат и да шепотат на македонски јазик.

Благоја Ивчески

Loading