НЕГА ЗА ФРАНЦУСКИОТ ЈАЗИК

Сите основни и средни училишта го прославија меѓународниот ден на Франкофонијата, со изведба на шансони, читање од познати француски автори и театарска претстава на јазикот што ширум светот го говорат над 129 милиони луѓе.

Негувањето на јазикот на Сартр, Волтер, Молиер, Декарт и други уметници и творци, успешно ја продожуваат наставничките и професорките од училиштата. Годинава организатор на активностите била наставничката Ирена Наумоска и ОУ “Гоце Делчев”.

Во ЦК “Марко Цепенков”, ОУ “Гоце Делчев” ја прикажа репортажата за ЕТЊИННИНГ, снимена како филм со говор на француски од учениците. Тоа било дел од проектот за доживотно учење, организиран од министерството за образование. Репортажата се разликувала од другите презентации по начинот на изработка и добила пофалби од аташето на Францускиот институт, Пол Солигу и од претставничката на комисијата за Франкофонија при МОН, Марија Николова. Заслужените пофалници на 12 ученици, на наставничката Ирена Наумоска и на училиштето им ги доделила Ирина Боболева од здружението на професори по француски. Учествувале и ученици од ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”, ОУ “Климент Охридски”, ОУ “Блаже Конески” и од СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”. За успешниот проект и за доброто познавање на францускиот јазик, ОУ “Гоце Делчев” доби печатач. Наумоска вели дека соработуваат со повеќе училишта од Романија и Италија.              

Македонија како една од четирите придружни членки на глобалното семејството од 49 земји на Франкофонијата има должност, но и чест да учествува во чествувањето на празникот, официјализиран во 1970 година под мотото “Еднаквост, комплементарност и солидарност”.  

Loading