НЕМА МЕСТО ЗА ЧЕТВОРКИ

Осмоодделенката од ОУ “Гоце Делчев”, Доротеја Дамјановска е скромен ученик со таленти од сите области. Тешко е да се најде наставен предмет во кој не учествува на натпревари или конкурси. Интересите í се сестрани, па кај неа има и уметничка и егзактна душа.

Најмногу ужива во музиката. Без теоретска поткованост, сепак е еден од најдобрите вокали во училишната химна. На секои смотри Доротеја изведува некоја песна. Со музиката í оди и сликањето, па е член на секцијата, и најновото дело “Стара македонска куќа” веќе е испратено на конкурс во Чешка. Сликата е нацртана со дрвени боици, но ги употребува и сите други техники. Покрај сликањето, ја сака и уметничката фотографија. Не ретко го позајмува фото апаратот од татко í, да “чкрапне” некој момент што ја бендисува. Фотографиите í биле прикажани во прилог на една телевизија.

Таа сака да биде полиглот. Покрај англискиот, одлично го познава и германскиот јазик. По англиски била трета на натпреварот од “Петта Приватна гимназија”, а по германски била на регионален натпревар.

Сосема дијаметрално, покажува интерес за природните науки. Махер е за биологија, физика, хемија, математика. Се натпреварува по физика и биологија. Времето едвај í дозволува да учествува на математичките и на натпреварите по хемија. Доротеја вели дека интересот за природните науки го наоѓа во објаснувањето на секојдневните природни појави.

Осмоодделенката ќе оди во гимназија. Понатаму сака да биде архитект, зашто адекватно ги сублимира нејзините безбројни таленти. Скромната Доротеја, малку зборува, но директорот и наставничките заслужено ја пофалија како ученик за пример, кој нема ништо освен петки во дневникот.

Loading