ПАТУВАЊЕ ВО ШВАЈЦАРИЈА

Веќе две години интензивно работи СОУ “Ѓорче Петров” во првиот круг од проектот “Младинско учество и Дете првобранител”. Тимот професори, Слободан Петкоски и Билјана Тинтоска и педагогот Снежана Милошеска успешно работат со учениците вклучени во проектот што трасира пат кон следен проект. Имено, осум ученици и супервизор веќе се учесници во интеркултурен проект за размена во Детското Село во Троген, Швајцарија, поддржан од Детската Фондација Песталоци, швајцарска НВО. Вклучени се исто толку ученици и супервизори од Кавадарци, Куманово, Тетово и Дебар. Овој долгорочен проект се спремал и учениците се одбирале по претходна подготовка.

Учениците ќе бидат во Швајцарија до 29 март. Веќе посетуваат курсеви за интеркултурно образование, детски права и анти-расизам. Ќе направат размена со друга група, било од Швајцарија или од друга земја, да се обезбеди високо квалитетно интеркултурно искуство. Предавањата и работилниците се на англиски, што претставува можност учениците да го подобрат англискиот јазик. При престојот во Швајцарија, покрај неформалното образование, ќе се спроведат неколку екскурзии низ малата алпска земја, учениците да се запознаат со знаменитостите. Ќе се посетат градовите Сент Гален и Цирих, водопадите на реката Рајна, фабриките за производство на чоколадо и сирење, Технорама и многу други. По обуката, учениците преку спроведување на акциони планови, ќе треба да го пренесат новото знаење, разбирање и свесност не само меѓу врсниците, туку и меѓу наставниците и родителите. 

Loading