РАДОСТ ПОД МАСКИ

Учениците од ОУ “Рампо Левката” пријатно ги изненадија врсниците згрижени во дневниот центар за деца со посебни потреби. Овојпат причина за посетата беше неодамнешниот празник Прочка. Учениците од петто одделение со наставничката Бисера Вишиноска и директорката Катерина Чавлеска во предпразничните денови организирале заедничка работилница со децата – штитеници. Рамо до рамо, 10 ученици и 16 деца од Центарот, изработувале маски со материјали од дома.

Маските беа претставени на дефиле на 26-те деца. Имаше шеик, кловн, ѓавол, невеста и зет, стар дедо и што ли уште не, смислено од учениците, а направено заеднички со наставничките и вработените.

ОУ “Рампо Левката” традиционално соработува со Центарот и го посетуваат за секој празник. За Нова година организирале заеднички маскенбал во ЦК “Марко Цепенков”, а и донирале некои реквизити за разубавување на Центарот.

Радоста кај штитениците беше неизмерна затоа што секогаш со душа чекаат некој да ги посети, а тие да им возвратат со топла насмевка и прегратка.  

Loading