ГИМНАЗИЈАЛЦИТЕ НАПРАВИЈА “РАСТУР” ВО СКОПЈЕ

Елитната екипа гимназијалци Стефан Неделкоски, Марко Маркоски од прва година, Стефан Николоски од втора, Виктор Стојчески, Мартин Неделкоски од трета и Антониј Мијоски од четврта година ги “построиле” сите учесници на Државното првенство по математика. Мијоски со прво, Николоски и Маркоски со втори и Неделкоски со пофалници ги оставиле другите како повторно да треба да ја учат таблицата за множење.

Конкуренцијата била жестока за сите четири категории. Секоја гимназија ги испраќала најдобрите, па за награда во прва година имало 53, втора 40, трета 55 и за четврта 25 натпреварувачи.

Менторките Афродита Стефаноска, Калина Секулоска, Евгенија Нешкоска и Маријана Спиркоска рекоа дека задачите на натпреварот биле за неколку степени потешки од вежбаните во наставата. Но, со обострано максимално залагање, успеале да ги достигнат височините, на која ниедна државна гимназија не може да им парира. Наградените ученици не се само успешни математичари, туку и информатичари, физичари, хемичари… Учениците и професорките си ја “подаваа топката” за тоа кој е позаслужен за успехот. Едните, фалејќи ги другите, и обратно. Всушност, без професорската насоченост на талентите и без труд од учениците сé би паднало во вода, смета директорот Кирил Николоски.

– Извонредниот колектив совршено се вклопува во мозаикот на успеси. Тоа нé прави една од најуспешните државни гимназии. Рамо до рамо сме до приватните – заклучи Николоски.    

Со освоените награди, загарантирани им се три места за математичката олимпијада во Скопје. Ако таму го повторат успехот, ќе ги бранат репрезантитивните бои на Балканијадата, па на интернационалната Олимијада.                 

Loading