ЉУБОВТА КАКО ХУМАНА ПОРАКА ДО ЛУЃЕТО

Ако лебот е храна за телото, љубовта е храна за душата. Без храна, телото ќе умре за неколку дена, а без љубов човекот е мртов додека e жив. Зачнати од љубов, носени со љубов, одгледани со љубов, луѓето дишат за љубов. Кога нема љубов околу и во нас, огаш не сме цели и почнуваме да страдаме, стануваме гладни за љубов.

Мајка Тереза знаеше дека не еден човек, туку цел свет е гладен за љубов. Не случајно непрежалениот ангел Тоше Проески постојано повторуваше “Сите Ве Сакам”. Тој нî познаваше подобро. Знаеше дека сите копнееме за љубов, оти недостасува. Мајка Тереза го замени својот континент за сиромашната Калкута. Ја гаснеше гладта со љубов, им беше рака што милува на болните од лепра, рака што храни на најсиромашните и рака што утешува и дава верба во Бога на луѓето на смртна постела. Веруваше во љубовта. Знаеше дека љубовта е лек за сите болки и мелем за сите рани.

Не е доволно да го испразниме шкафот од непотребната гардероба, испеглана и издиплена да ја испратиме до некој дом за деца без родители. Потребно е да одвоиме време, а не само средства, време за да ги посетиме.  Потребно е да споделиме прегратки да играме долго со нив, да допре до нив љубовта низ мислата дека не се сами, туку ние сме со нив.

Да се запрашаме кога последенпат сме отишле во старски дом? Некој ќе рече можеби, никогаш. Каква штета! Таму живеат најтоплите и најгладните просјаци за љубов. Остарени, запоставени од родените чеда. Прекрасни луѓе копнеат некој да ги слуша, да ги насмее, заеднички да испеат песна и да добијат црвена роза. Зошто не? Па тие луѓе дале сî и сопствените човечки задоволства и радости за нивните деца. Тие заслужуваат да бидат на редовната листа за љубовприматели. А љубовдарителството живее во секого. Што е, ако не е љубов да се носи секој ден соседчето прваче на училиште? Што е, ако не е љубов да се чита на глас шпанска серија на бабата која не догледува на далеку? Што е, ако не љубов да се замени излегувањето со здодевно решавање задачи со другарот за неговиот поправен испит? Љубов е кога ја подаруваме омилената книга на нашата братучеда, љубов е кога со саати сме рамо за плачење на најдобрата другарка, љубов е кога културно им се обраќаме на возрасните, љубов е кога згрижуваме маче или куче. Овој свет не дека не е гладен за леб – гладен е, но уште повеќе гладен за љубов. Љубовта е храна од која никој не се прејадел и никому не му се слошило. Таа не се штеди и се дава секојдневно во големи дози. Кога ќе помислите колку сакате некого, кажете го тоа на глас и ќе заситите една гладна душа. Да кажат сите кога ќе помислат “Те Сакам” од толкава љубов и Земјата ќе почне да пулсира, како едно големо џиновско срце.        Па да бидеме Божји луѓе, да бидеме она за што сме создадени – луѓе со срца.

Георгина Николоска ООУ “Кире Гаврилоски – Јане”

Loading