ШАЈКАЧА, НАМЕСТО ФЕС

Прилеп пред сто години

Замена на турското ропство со српска окупација –

Пред 100 години, по победата на земјите од Балканскиот сојуз против Турција во Првата балканска војна, завршило повеќе вековното турско ропство во Македонија, а со тоа и во Прилеп и прилепско.

Прилеп паднал под османлиска власт во 1385 година, додека владеел султанот Бајазит И, наречен “Илдирим” или “Молња”, (1381 – 1402). Со градот и поголемиот дел од Македонија владеел кралот Марко (1371-1395), како турски вазал. По 527 години турско владеење, Прилеп е ослободен од едно ропство, но паднал во ново од српската власт, освоен од српската армија.

По Илинденското востание и Младотурската револуција, балканските земји го согледале стремежот и готовноста на македонскиот народ за самостојно национално ослободување по цена на многу жртви. Затоа презеле активности за територијални проширувања за сметка на Турската империја. Владите ја пуштиле демагошката парола за “ослободување на браќата од турското ропство”, која влевала надеж кај поробените народи дека ќе им донесе слобода во војната на балканските народи против Турската империја. Тоа поттикнало многу Македонци да влезат во редовите на балканските војски и во самостојни воени единици, да се борат против Турците.

Набрзо склучени се договори за сојузи, најпрво меѓу Србија и Бугарија на 13 март 1912 година, потоа меѓу Грција и Бугарија на 29 мај 1912 година. Во септември склучени се договори меѓу Грција и Србија и Бугарија и Црна Гора, а на 6 октомври 1912 година и меѓу Србија и Црна Гора. Така е создаден Балканскиот сојуз и условите за Првата балканска војна на сојузниците против Турција.

Српско – бугарскиот договор имал таен анекс за најголемиот дел на Македонија од Шар Планина, Родопите, Егејското Море и Охридското Езеро. Во спорните територии биле и прилепско. Арбитер требало да биде рускиот цар.

Непосреден повод за војната бил крвавиот терор на османлиите во Македонија. Армиите на балканските земји со околу 720 000 војници биле успешни на сите фронтови. Македонците масовно се приклучиле во војските против Турците. Во редовите на Македонското одринско ополчение (доброволци), во Бугарската армија војувале околу 15 000 Македонци. Најмногу биле пратени на тракискиот фронт. Македонци влегувале и во српската и грчката војска. Дејствувале и 78 самостојно организирани македонски чети со околу 2000 комити. Најактивна била четата на Јане Сандански со околу 500 борци. 

Македонците сметале дека ќе се ослободат и извојуваат самостојност, не гледајќи ги заткулисните игри на балканските земји, кои, преку оваа војна, сакале да ги остварат своите територијални претензии кон Македонија.

Воените операции ги почнала Црна Гора на 8 октомври 1912 година. Се приклучиле и Србија и Бугарија на 17 октомври, а Грција на 18 октомври. Првата балканска војна продолжила со битката кај Куманово, од 23-25 октомври 1912 година меѓу српската и турската војска. Србите, согласно своите претензии, се насочиле кон западниот дел на Македонија, вклучувајќи го прилепско. Кај превоите Дервен или Присадски преслап и Плетвар, на 3 и 4 ноември 1912 година, се водела битка меѓу српските сили спроти турската коњичка бригада и еден жандармериски баталјон. Кон Србите се придружиле доброволци од околните села кои дале голем придонес за протерување на Турците. Ги водел војводите Воин Поповиќ – Вук, Василије Трбиќ и Јован Бабунски. Во битката загинале 30 борци, македонски доброволци, а турската војска се повлекла кон село Алинци и Бакарно Гумно. На 5 и 6 ноември се водела познатата Алинска битка, во која српската војска извојувала победа со многу жртви, а помогната од Македонци. Турците заминале преку Црна Река, кон Битола, а  Србите биле пречекани во Прилеп како ослободители, со надеж дека ќе му помогнат на македонскиот народ во националното ослободување. Понесена од победата, српската војска организирала голема воена парада низ Прилеп.

Воените операции продолжиле кон Битола, каде од 16 – 19 ноември, во реонот на село Гопеш и превојот Ѓавато, се води познатата Битолска битка, со која практично завршила Првата балканска војна. Турците биле целосно протерани од Македонија. Наместо слобода, за народот настапил нов период на угнетување, економска експлоатација, асимилација и денационализација.

Турција го прифатила Лондонскиот мировен договор на 30 мај 1913 година. Српските војски го окупирале најголемиот дел од Вардарска Македонија, Бугарите ја зазеле Источна Македонија, а грчките сили, Егејскиот дел. Не се задоволиле балканските земји ваквиот туѓ плен. Се отворила Втора балканска војна меѓу балканските сојузници.  

Се влошила уште повеќе положбата на македонското население. Во делот окупиран од Србите биле укинати дотогашните училишта финансирани од црковните општини. Некои учители биле прогонувани и малтретирани, оти не се декларирале за Срби. Повеќе учителите биле присилени да ја напуштат Македонија. Затворени и протерани во Бугарија биле 179 учители. Тоа лошо се одразило на образовниот процес. Српските власти формирале училишта во Прилеп и селата да ја спроведат денационализаторската политика.

Тероризирано било и свештенството. Дел припаѓало на Егзархијата и било третирано за дел на великобугарската пропаганда. Се притискало свештенството да се откаже од Егзархијата и да ја прифати Српската православна црква. Се создало ново архиерејско намесништво за спроведување на великосрпската политика. Властите  го тероризирале и ограбувале населението со разни форми на одземање на граѓанските и политичките права. По пат на реквизиција, на населението му се одземала храната и други производи. Се вршеле и организирани грабежи на природните богатства, шуми, руди и друго. 

Поделбата на Македонија од Првата продолжила и по Втората балканска војна со Букурешкиот мировен договор од 1913 година. Не било поинаку и по Првата светска војна и Париската мировна конференција од 1919 година. Овие мировни конференции биле погубни за Македонија.

Вештачката поделба ја гледаме и денес во “лицето” на поделена и распарчена етничка Македонија. Тоа претставува грубо газење на правото на македонскиот народ за ослободување и национална еманципација. Но, и во такви услови копнежот за слобода кај поробениот македонски народ никогаш не згаснал и е присутен во свеста на Македонецот кој бил животно заинтересиран за својот опстанок, но и за својата иднина.  

Рубин Белчески – историчар

Loading