УГОРЕ ДЛАБОКО – УДОЛУ ВИСОКО

Бил исчезнат израелски бизнисмен. По некое време бил пронајден во некој амбис кај Матка. Новинарката од Радио Скопје не извести дека амбисот бил ВИСОК 65 метри!!! Зборот амбис се вика уште и БЕЗДНА. А зошто БЕЗДНА? Затоа што теснецот е толку длабок како да е без дно. Како да нема дно. Но, ете, новинарката не известува како да била на дното и оттаму го мерела амбисот и вели дека бил висок 65 метри. Што би било ако се искачи на врвот на некоја планина и така одгоре да гледа во подножјето и да ни соопшти колку е длабока планината. Што не ќе чуеме?!

Во последно време се употребува еден необичен израз. А кај нас, таквите нешта, штом ќе се појават, се шират како епидемија.

Слушаме од младите луѓе дека тој и тој нивни другар ќе одел на одмор со ЖЕНСКА СИ. Слушаме и тоа дека некој се скарал со ДЕВОЈКА МУ. Вакво нешто не е вообичаено за нашиот јазик, но еве се користи веќе масовно.

Во еден весник ги прочитавме следниве реченици: “Ќе треба да разговарам со ДЕВОЈКА МИ”. А веќе на наредната страница читаме: “Писател ја убил ДЕВОЈКА СИ како во својот расказ”.

Не велиме дека ваквото изразување е сосема туѓо за нас, но велиме дека е необично, па, би рекле и непожелно.

Блаже Конески во Граматиката, во поглавјето за акцентот зборува и за акцентски целости со енклитички заменски форми, каде имаме именки заедно со кратки заменски форми и кои влијаат врз местото на акцентот. Нема да се впуштаме во теорија од оваа област. Ова го пишуваме за побрзо да стигнеме до личните заменки. Тие имаат кратки и долги форми: МЕНЕ – МЕ, НЕГО – ГО, ВАМ – ВИ и така натаму. И личната повратна заменка има вакви форми : СЕБЕ – СЕ, СЕБЕ – СИ.

Стигнавме до најбитното. Конески вели дека кратките заменски форми се употребуваат и како начин за искажување присвојност на роднинските имиња: ТАТКО МИ, МАЈКА МИ, ЖЕНА МИ, ЌЕРКА СИ, БРАТ СИ, ТАТКОВЦИ НИ, БРАТУЧЕДИ ИМ, СТРИКО МУ и така натаму.

Кратките заменски форми можат да се сретнат со присвојно значење и кај некои други именки кои означуваат близок однос со некого: МАЈСТОР МУ, ДРУГАР ТИ и слично.

Се среќаваат кратките заменски форми и во поезијата: Ораме со рало, Но ЗЕМЈАТА НИ златна, Колку е богата. (К. Рацин)

Надвор од овој круг на зборови, не е вообичаена ваквата употреба на кратките заменски форми. Ние ќе речеме МАЈКА МИ, ВУЈКО МИ, но нема да речеме ПАЛТОТО МИ или ЧЕВЛИТЕ МИ, туку ќе речеме: МОЕТО ПАЛТО, МОИТЕ ЧЕВЛИ.

Таков е случајот и со ДЕВОЈКА СИ, ЖЕНСКА МУ и слично. Дури и не мора да се нагласува – со СВОЈАТА ДЕВОЈКА, со НЕГОВАТА ЖЕНСКА. Доволно е само да се членуваат именките (женската, девојката) и веднаш станува јасно. Ако оди некој на одмор со ДЕВОЈКАТА, јасно е дека се мисли на неговата девојка (љубовница). Како што не оди – со ДЕВОЈКА МУ, уште помалку оди – со ЉУБОВНИЦА МУ.

Да импровизираме една приказна. Директорот на секоја фирма најчести контакти има со секретарката, со шоферот, со чистачката и со кафеварачката. Да речеме дека директорот разбрал, оти ќе му доаѓа инспекција. Што би направил сега тој? Веројатно би и наредил на СЕКРЕТАРКА СИ да ги спреми документите. На ЧИСТАЧКА СИ би и рекол убаво да исчисти, а КАФЕВАРАЧКА СИ би ја испратил да купи кафе. Најпосле би му наредил на ШОФЕР МУ убаво да ја исчисти колата, зашто ќе треба да го води на ручек ИНСПЕКТОР МУ.

Не бидува вака, зар не? Колку да се блиски овие личности на директорот, колку и да имаат близок однос со него, сепак ваквите изрази не се во духот на македонскиот јазик. Дејствуваат изнасилено, неприродно, па дури и невкусно. Сличен е случајот и со ДЕВОЈКА МУ, ЖЕНСКА СИ и така натаму.

Доволно е само да се членува именката (девојката, женската) или ако се сака уште повеќе да се засили значењето на присвојноста може да се употреби и заменската придавка – МОЈАТА ДЕВОЈКА, НЕГОВАТА ЖЕНСКА, НИВНИТЕ ДЕЦА. Инаку, со употребата на ДЕВОЈКА МИ, ЖЕНСКА МУ, ДЕЦАТА НИ, само си го изопачуваме “ЈАЗИКОТ НИ”.

Благоја Ивчески

Loading