ЏЕВА НА “ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ”

ПРИЛЕП ВО ВРЕМЕТО НА СУЛТАНОТ СУЛЕЈМАН ПРВИ

Десеттиот султан првин ставил ред во империјата, а со кризата во економијата предивикана од парите, направил дефицит во буџетот и раст на давачките на рајата, која се побунила и создала ајдутски дружини

Преокупирани се граѓаните со турските ТВ серии. Големо внимание предизвикува “Величествениот”. Како историчар, ми побуди интерес, бидејќи се работи за султан кој почнал да владее на 26 години. Дури 46 години бил император и суверен. Управувал и со територијата на денешна Македонија како и со Прилеп и прилепско.

Султанот Сулејман 1 Величествениот е роден во Трабзон во 1495 или 1496 година. Со Отоманската империја владеел од 1520 година, по смртта на неговиот татко, султанот Селим 1 (1512-1520). Сулејман 1 Величествениот бил на престолот до 1566 година, кога умрел во Сигетвар, Унгарија. Историјата го забележала за десетти султан на Отоманската империја, која за неговото владеење, станала најголема светска сила.

Серијата ме предизвика да “повторам” за “времето на турското ропство”, да прочепкам по книгите и да откријам нешто ново за султанот Сулејман 1, неговиот живот, походите, освојувањата, односите во харемот и друго, а секако и за Прилеп во времето на “Величествениот”.

Доминација на каурите

Податоци за Прилеп и прилепско во овој период се црпат од пописните дефтери бр.73 од 1519 година, бр.149 од 1528 година и дефтер бр.232 од 1544/45 година. 

Во 16 век, прилепската нахија била во составот на скопскиот санџак. Според дефтерот бр.149 во Прилеп во 1528 година имало 245 муслимани, од кои 210 домаќинства и 35 неженети, додека христијани биле 557, од кои 463 домаќинства, 54 неженети и 40 вдовици. Прилеп имал 10 муслимански и 43 христијански маала. Називите на муслиманските маала биле по некои личности со титули како: Дурали бег, Иса бег, Јаракли бег и други, а христијанските се поврзани со некоја професија или некој поистакнат граѓанин, како, Касапско маало, Грнчарско, Шивачко, Арменко, Кожухар, Свети Тодор, Франкопол, Дабижив, Бежан, Радул, Поп Мелахија, Влајко, Станиша, Царевиќ, Никола Бојаџи, Костадин, Васил Кожухар и други. Специфично е што во овој период се појавуваат повеќе занаетчии како, кујунџии, сарачи, терзии, шапкари, чевлари, сапунџии, свеќари, самарџии, бојаџии, налбати, ковачи, бакали, касапи, кожувари и други.

Како и другите градови под турско владение, и Прилеп добил ориентален лик. Населението живеело поделено во своите маала. Немало христијани во муслиманско маало и обратно. Исламизацијата зафатила поголеми размери. Според пописните дефтери, во споредба со претходниот период, се јавиле повеќе исламизирани христијани. Процесот бил поинтензивен во селата. Селското население најчесто се занимавало со лозарство, производство на лен, коноп, свилена буба, пчеларство и друго.

Во 1528 година во прилепската нахија имало 16 чифлици, а во 1544/45 година, повеќе од 30. Сопственици биле исклучиво муслимани, главно феудалци, бегови или нивни синови. Според дефтерот од 1544/45 година, во селата и во градот живееле 4250 муслимани, а христијани биле 35471 жител.

Мариовската нахија била надвор од прилепската. Својствено било опаѓањето на населението од 9264 во 1519, на 5280 во 1545 година. Не се утврдени причините за намалувањето на населението во Мариово. Феудалните господари наметнувале повеќе давачки – ушур или десеток од зрнести производи (пченица, јачмен, овес и друго), ушур од лозја кој се земал во вино, данок за воденица, за улишта, за свињи, за бостан, овошје, ливади, пасишта, свадбарина. Испенџе е данок за   христијаните, односно немуслиманите, старешините на домаќинствата, неженетите работоспособни мажи и вдовиците со имот. Се плаќало по 25 акчи годишно.

“Модерен” османлија

Карактеристично  за времето на “Величествениот” е намерата да создаде војнички силна и централизирана држава со неограничена власт и проширување на империјата со војни на Балканот, Мала Азија и Африка.

На внатрешен план, преку разни закони, се регулирале обврските на рајата кон феудалците и кон државата. Се регулирале обврските и на господарите кон државата, обврските и привилегиите на лицата со посебни задолженија како дервенџии, соколари, војници, јуруци и други. Со посебен закон се регулирале пазарните цени на сите видови производи на пазар, како и увозот и извозот на стоки. Давачките на градското и селското население биле одмерени и подносливи. Селанецот – производител – не бил под силен феудален притисок како пред тоа. Се вовела извесна правна сигурност за побрз развој на градовите преку занаетчиството и трговијата. Дотогаш најмногу занаетчии биле муслимани,  но од овој период се појавиле помасовно занаетчии – христијани и Евреи. Се јавило и стоковното производство и сé поизразената улога на парите. Тие предизвикале криза, а подоцна и распаѓање на тимарско – спахискиот систем, базиран на натурално производство. Пораснале феудалната експлоатацијата и притисокот врз населението.

Зулуми, даноци и буни

Во 1564 година, првпат бил регистриран буџетски дефицит. Тоа придонесло за  раст на давачките на рајата. Постепено се јавувала економска криза, која ја чувствувало селското население. Кризата предизвикала почести зулуми и грабежи. Довела до протести, пасивни отпори, одметништва и отворени бунтови. Таква е прилепско – мариовска буна од 1564/65 година. Од султанската наредба од 1564 година дознаваме дека на скопскиот санџак-бег и прилепскиот кадија им било наредено да ги фатат бунтовници по чии наговор се побунила мариовската нахија. Се барало дел да се осудат на смрт, а другите да се пратат да веслаат на галии. Буната ја воделе Димитри Стале, поп Димитри, Матјо Никола, Стојан Пејо и Поп Јако. Султанот Сулејман 1 – Величествениот наредил во 1565 година да се апсат водачите и да се извести Портата. Паралелно, барал да се воспостави ред и враќање на мирот во побунетиот крај.

Од крајот на 1565 година, се среќава наредба на султанот до скопскиот бег и до кадиите во Прилеп и Кичево, во се вели дека буната се проширила и кај населението во Прилеп. Затоа султанот наредил да се затворат главатарите.

Христијаните од Прилеп и Мариово ги обвиниле на суд војводата (одговорниот за собирање на данок) на везирот Мустафа Паша дека земал џериме (глоба), спротивно на законот, односно шеријатското право. Војводата порекнал, што предизвикало револт кај преку илјада христијани. Тие се спремале да влезат во судот и да го нападнат со стапови и камења. Аскерот пред судот, помогнат од муслиманите, ги спречил бунтовниците да ја остварат намерата. Оваа буна е најстар протест против турските власти во Македонија. Иако има стихиен и неорганизиран карактер, покажува дека растело незадоволството на христијаните кон владетелите. Тоа ги создало ајдутските дружини, како заштитници на народот. Ајдуците преземале акции и убиства на поединци кои правеле зулуми врз христијанските жители. Тие станале заштита од раширената исламизација, особено во селата. 

По задушувањето на прилепско-мариовската буна, најголемиот владетел во историјата на Отоманската империја, султанот Сулејман 1 Величествениот, го завршува животот во воен поход во Унгарија на 72 годишна возраст. Го наследил Селим 2 (син со Рокселана, во серијата Хурем Султан). Со наследникот, кој владеел од 1566 – 1574 година, почнал падот на империјата, која достигна најголем подем за времето на неговиот татко, големиот султан Сулејман Први Величествениот.

Црквите и манастирите  без данок

Со султанска наредба, односно берат, црквите и манастирите најчесто биле ослободени од давачки.  Во пописните дефтери пишува дека манастирите Св.Архангел Михаил  и Трескавец се ослободуваат од арач, испенџе, ушур, од земјарина, од данок за лозја, од воденици, од данок за улишта, овци, како и од други редовни и вонредни давачки. Тие биле културно – просветни центри каде се негувала препишувачка и преведувачка дејност на црковна литература. Наедно, претставувале чувари на народните традиции на македонскиот народ.

Рубин Белчески –  историчар

Loading