МИНИРАН АНОТ НА СТЕВАНАНЏИОВЦИ ЗА СВОЗ

Писмо

Во неделникот “Зенит” од 21.09.2012 г. беше објавен напис со наслов “Анот од Стевананџиовци – курбан за СВОЗ”.

Пред неколку месеци беше објавена уште една фотографија на анот од Стевананџија. Повод да се обратам до редакцијата се честите неточности и нелогичности во двата текста.

Доколку новинарот се обратеше до семејството Стевананџија ќе добиеше изворни податоци, зашто јас и мојата покојна мајка бевме очевидци на тоа што се случуваше со анот во тој кобен ноемвриски ден.

За првата фотографија беше напишано дека “Моноверзал” (трговско претпријатие) е изграден на просторот на анот на Стевананџија. Тоа не е точно. “Моноверзал” беше изграден наспроти влезната врата на анот, позади редакцијата на Зенит.

Не ми е познато како редакцијата дошла до втората фотографија, затоа што оригиналната е кај мене. Во мојот дом, оваа фотографија е со многу зголемен формат да ги потсетува моите деца, внуци и генерациите кои доаѓаат на едно време-невреме.

Сега да ви укажам на техничките грешки во текстот.

1. Анот не беше опожарен, туку миниран. Таа работа ја заврши замислениот “агресор”. Моето семејство не беше известено дека воената вежба “Брегалница – 71” ќе заврши на 14 ноември 1971 г. во мојот двор. Кога го прашав капетанот на “агресорот”, што се случува, тој дословно ми рече – дека добил задача анот да го срамни со земјата.

2. На местото каде денес е џампинг фонтаната, пред центарот за култура, тоа земјиште не е сопственост на Стевананџија, односно не е дел од анот.

3. Од фотографијата може да се види дека присутните не аплаудирале. Само луд човек може да аплаудира на таа грозоморна глетка. Имаше само љубопитни луѓе кои очекуваа што ќе се случи.

Фотографијата е сведоштво на едно безумно време, насилие, злотвор, лудило со поматени умови, психопати, болни луѓе кои својата среќа и кариера ја граделе на туѓата несреќа.

Се надевам дека гласилото Зенит ќе биде хроничар на Прилеп и толкувач на вистината.

Круме Стевананџија еден од сопствениците на анот на Стевананџија

Loading