СОЛЗИТЕ НА ЕКОНОМОТ

Историја

Летото 1980 Победа се бореше до последното коло за опстанок во Втора југословенска лига. На 22 јуни дома играше со фаворитот Трепча од К. Митровица. Гостите обезбедени на табелата немаа мотив за отпор, а на Победа и требаа два бода плус гол – разлика. Не важеше правилото “меѓусебен биланс”. На полувреме беше 1-1, неопходни беа уште пет гола. Голманот на Трепча божем му пречи сонцето, не прави веќе паради. Топката ако оди десно, тој лево и обратно. Се заредија голови: 2-1, 3-1, 4-1 и 5-1. Можеа уште колку сакаат, но како да ги фати срам. Победа има грев кога е пуштено. Доста се пет, белки се доволни.

Заврши мечот, но илјадници навивачи останаа на стадион. На разгласот Радио Скопје информираше, се чекаше исход од Мајданпек – Титоград. Сé одеше во полза, само реми не. Водителот повторуваше “немаме конечен резултат, линиите се во прекин”. Така половина час измачување за на крај да каже “1-1” и ги стресе сите.

Економот Диме Катранушески долго во ноќта плачеше кај старата Болница. Навивачи го тешеа, ништо не ги запираше солзите. И други се нажалуваа. Секогаш кога Победа отпаѓаше беше тажно во Прилеп.

Loading