ШАЛЕВСКА СЕ ВРАТИ

Ракомет

Женскиот ракометен суперлигаш Жито Прилеп го доби првото засилување за наредната сезона. Во клубот пристапи поранешната репрезентативка, бекот Тања Шалевска. Кавадарчанката играше во повеќе домашни клубови, а две сезони мина во градов. Доаѓа од Норвешка, каде практично лани замина од Прилеп.

– Добивме големо засилување. Идната недела ќе објавиме и други четири – пет нови имиња. Очекувајте “бомба” – вели Звонко Јанков, потпретседателот.

Клубот ги задржува најдобрите. Голманката Дијана Наумоска и пивотот Марија Серафимовска ги продолжија договорите и боите на клубот ќе ги бранат наесен. Се разговара со уште шест: бековите Мркиќ, Цветановска, крилото Здравевска и трите од странство, голманката Јаломитеану, крилата Матановиќ и Стојановиќ.

– Засега заминуваат само крилото Павичевиќ и бекот Штериова. Местата ќе ги пополниме – истакнува Јанков.

Навреме е доставена пријава за домашната лига, а со нетрпение ја очекува ждрепката за европскиот КПК. Првиот нареден собир е околу 20 јули  со новиот тренер, битолчанецот Борче Марковски.

Loading