МАНТА ВО ФУДБАЛСКАТА ВЛАДА

 

ОФС Прилеп поддржа кандидати во УО на ФФМ

 

Градов 20 години редовно имаше претставник во највисокиот орган

 

Управниот одбор на Општинскиот фудбалски сојуз, во врска со претстојното вонредно изборно собрание на ФФМ, расправаше за предлог – кандидат за претседател на ФФМ и предлог – член на Управен одбор на ФФМ. Поддржана е кандидатурата на Илчо Ѓорѓиоски за прв човек на Федерацијата. За член во УО е предложен Марјан Стојкоски – Манта, актуелен претседател на ОФС Прилеп. “За” гласаа шестмина, воздржан “еден”. Присутни беа седум од деветте членови.

 

Аргументите не се спорни. Ѓорѓиоски беше репрезентативец, играше за Вардар и Победа. Како тренер се покажа во Македонија Ѓ. П. и Вардар. Реши да ја прекине тренерската кариера и се посвети на федерацијата. Опоненти му се Масар Омерагиќ и Емил Божиновски. Борбата е за функцијата четврти претседател. Претходно на чело беа Љубисав Иванов Ѕинго, Ламбе Арнаудов и најдолго 10 години Хари Хаџи – Ристески.

 

Манта е некогашен репрезентативец од Победа, потоа 11 години мина како директор. Две години се посвети и на 11 Октомври. Многу извесно, ако Ѓорѓиоски стане претседател, Стојкоски го вклучува во УО. Изминатите 20 години градов редовно партиципираше во фудбалската влада. Од 1992 до 1999 член на УО беше Трајче Маџоски, а од 1999 до денес покрај Хари Хаџи – Ристески е и Сашо Наумоски.

 

Вонредното собрание на ФФМ е на 29 јули, во Охрид.

 

Loading