ПОВЕЌЕ ОРИЕНТАЛЕЦ ВО ЦИГАРИТЕ

Вест на годината за македонските тутунари

            Претседателот на тутунското здружение Данчо Милески објави дека годинава се зголемуваат површините под тутун како резултат на растот на потрошувачката на ориенталските тутуни, заради ориентацијата на производителите на цигари да внесуваат поголемо учество  ориенталски тутун во цигарите.

            Оваа вест, за Прилеп и за сите тутунари во Македонија беше очекувана, затоа што сите ориенталски тутуни, особно новите сорти, имаат еколошки карактер. Ориенталските ситнолисни сорти тутун претставуваат т.н. чиста суровина и се фабрикуваат без посебна примена на одредени технолошки постапки, како отстранување на главното ребро од листот и постапките за додатоци на адитиви. Адитивите претставуваат сложени соединенија кои при согорување на цигарата преоѓаат во продукти што се штетни по здравјето на пушачот повеќе отколку согорувањето на суровината. И уште пострашно, заради т.н. споредна струја на чадот која влегува во воздухот на амбиентот каде се пуши страдаат и непушачите кои го вдишуваат тој чад.

            Од ова треба да се задоволни пушачите, заради тоа што ќе се пуши повеќе еколошки тутун отколку хемија. И производителите треба да се задоволни поради тоа што ќе се реши проблемот на пласман кај оние производители на кои тутунот им претставува основен производ за егзистенција. Бидејќи ориенталските тутуни се одгледуваат во реоните со сиромашни почви каде не успеваат други култури, ќе се постигне ангажираност на овие “неупотребливи” површини.

            Со ова не се пропагираат ориенталските тутуни, туку се укажува на еден рационален пристап кон производството на тутун воопшто, посебно на ориенталскиот. Не би навлегувале во влијанието на тутунот врз здравјето на човекот, што уште не е доволно проучено и не се точно дефинирани и диференцирани позитивните и негативните страни од пушењето, па дури не е ни доволно проучено физиолошкото дејство на тутунскиот чад врз организмот на човекот. Во секој случај, користењето на ориенталскиот тутун од овие подрачја би бил помалку штетен од другите сорти кои не се толку еколошки.

            Новите оригинални ориенталски ситнолисни и крупнолисни сорти тутун обезбедуваат еколошка суровина со автентични вкусови. Македонија располага со автентични сорти од кои е создадена автентичната македонска матична колекција, која претставува куриозитет во земјоделското производство и наука и куриозитет за производството на еколошка суровина.

            Заради информација, македонската матична колекција, сместена во Институтот за тутун во Прилеп, располага со 60 сорти тутун, од кои 50 се автентични нови. Тука се наоѓаат сортите од типот Прилеп, Јака, Џебел, Маја, Вирџинија, Берлеј кои се најдуваат во фертилна форма на соцветието и во машкостерилна форма, но има и женско стерилна форма и можат да се брендираат повеќе сорти од еден тип тутун. Од овие сорти официјално се признати 26 нови сорти, а 12 се во постапка на признавање.

            Меѓу овие сорти се најдува и првата (од 1980 г.) македонска сорта, позната како ПНС (Прилеп – Наша – Судбина) која има постигнато генетски потенцијал од 505 лисја на растение и производен капацитет од 7550 кг. на хектар. Таму се најдува и првата крупнолисна сорта на тутун Маја – божица, која е еколошка и има особини да се суши на сонце и под сенка како и со топол воздух.

            За производство на овие еколошки тутуни регионов ги има сите потребни услови, како климатски, така и технички и традиционално – искуствени. Тука е лоциран  првиот Институт за тутун на Балканот како и Тутунскиот комбинат со вкупната технологија за обработка и фабрикација на еколошките тутунски производи.

            За постигнување на целосни резултати е потребно само уште една реално остварлива категорија, а тоа е формирањето на регионален репроцентар за ориенталските ситнолисни тутуни за да се овозможи создавање и одржување на сортната структура на тутунските еколошки сорти на тутун.

Проф. Д-р Душко Боцески   

Loading