СИТЕ ДЕЦА НА УЧИЛИШТЕ

Марјан Матракоски, советник за образование и спорт во локалната самоуправа

Иако наталитетот опаѓа, како насекаде, ќе се гради ново училиште да се доближиме со европските норми за едносменска настава

Како работи спрегата училишта – локална самоуправа – министерство за образование?

            – Еден од благодетите на децентрализацијата е тоа што имаме поголеми права и обврски на локално ниво, и во голема мера, сами, како општина ги наоѓаме проблемите и ги избираме првин приоритетите за решавање. Секоја недела се состануваме со директорите на средните и основни училишта да се изнесат барањата, а во согласност на можностите на буџетот и големината на проектот се координираме за приоритетните прашања и за другите активности во текот на годината.

            Како се координирате со училиштата?

            – Образованието е динамичен процес, па секој период во годината носи нови теми за разговор. На почетокот на учебната година се среќаваме да координираме за уписот на ученици, на полугодие ја утврдуваме состојбата и на крајот на учебната година, решаваме заеднички за административно техничките работи, како што се доделувањето на сведителства, организација на Денот на дрвото и смотрите. Сега кога училиштата, условно речено, се ставени во нормален тек на работење имаме барања за помали зафати за реновирање или уредување на училиштата. Заради динамичноста на образовниот процес, секогаш има место за нови решенија затоа што доаѓа до амортизација на просториите, столаријата и друго. 

            Какви проектите се планирани годинава?

            – Од 2005-та година наваму, доста е сработено во смисла на изведени проекти за подобрување на условите за учење и на наставниот процес. За летово планирано е да се заврши со замената на подот во Гимназијата, нова фасада за СОУ “Орде Чопела” и спортско игралиште, нова фасада за СОУ “Ѓорче Петров” и уредување на дворната површина, завршување на спортската сала во СОУ “Р.Р. Ричко” и уредување на простор за изведување на кабинетска настава, решавање на проблемот со скалишниот простор во СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”. Од основните училишта најголем приоритет му даваме на поставувањето на централно парно греење во ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”, санирање на санитарните јазли во ОУ “Блаже Конески” и ОУ “Гоце Делечев”, оградување на ОУ “Блаже Конески”, изградба на сала во ОУ “Добре Јованоски”, решавање на проблемот со скалишниот простор во ОУ “Рампо Левката” и партерно уредување на ОУ “Климент Охридски”. Како новина, планирано е годинава да се заврши со изведбата на три монтажни училишта во населените места Чепигово, Беровци и Галичани.

            Досегашните изведени проекти во образованието се големи, од каде доаѓаат средствата за оваа намена?

            – Проектите се значителни, и по големина и по инвестиции. Ги следиме конкурсите објавени од министерството за образование и аплицираме кај останати субјекти. Вредно е да се спомне донацијата на кинеската влада за ОУ “Гоце Делчев” и 30 000 евра од УСАИД за ОУ “Блаже Конески”. Од ИПА фондовите имаме искористено 400 000 евра за 10 училишни објекти, а на помош е и швајцарската амбасада. Министерството и локалната самоуправа секогаш оставаат поголема ставка во буџетот за образование и постојано процентуално учествуваме во сите проекти.

            Сведоци сме на отворање на нови профили во средното образование. Кои се придобивките од овој проект?

            – Барањата за нови профили доаѓаат од училиштата, локалната самоуправа ги разгледува и конечно МОН ги одобрува, доколку со нив би се продуцирале кадри кои се барани од стопанството и атрактивни за учениците, за да не одат во други градови. Во мојот мандат отворени се 13 нови профили и сега полуматурантите може да избираат од вкупно 31 профил за средно образование.

            Колкав е процентот на запишани ученици, со оглед на законската обврска за задолжително средно образование?

            – При уписот на првачињата и средношколците бележиме скоро 100 отстотен одзив. Еден или двајца незапишани ученици се само фракција од процент и можеме да се пофалиме дека сме град со висок степен на запишани средношколци. Тоа говори дека сме добро организирани, а и граѓаните ги почитуваат законските одредби.

            Ќе се гради ново основно училиште. Која е намената на училиштето, со оглед на намалениот наталитет?

            – Во разговор со министерот Панче Кралев, решено е да се изгради ново основно училиште кај старата зоолошка. Планот е да се намали бројот на ученици онаму каде што се премногу и водечка идеја е да се оствари учење во една смена како што е во ЕУ. Што се однесува до намалениот наталитет, тоа не е феномен само за Прилеп, туку сите општини го бележат овој тренд. Меѓутоа, засега нема видливи последици, па со мала регулација на бројот на ученици во паралелка се решава овој проблем.

            Што работи општината на полето на младинскиот спорт?

            – Сојузот за локален спорт во соработка со локалната самоуправа и други релевантни фактори тежнее да создаде клима на поголем зафат на млади кои се занимаваат со спорт. За пофалба е организираната Гимназијада. Издвојуваме средства за нови спортски сали, тениски игралишта и спортски терени. Ќе бидат издвоени преку два милиони денари за нова спортска сала во Тополчани. Спортот е најдобра превенција од пороци. Свесни сме дека, ученик кој е успешен во спортот, е успешен и на други полиња во животот.      

Loading