Подолго време се занимаваме со оваа проблематика. Не може да се наваса и да се одбележат сите јазични грешки што ги читаме и што ги слушаме.
Во почетокот, не можевме и да претпоставиме дека членувањето, односно испуштањето на членот, ќе ни биде неисцрпна тема. Чудно! Неверојатно! Се шири таа појава како епидемија. По којзнае којпат ќе подвлечеме дека под влијание на скопските телевизии, се шири таа јазична недоследност во сите места од државава.
Патронен празник во едно средно училиште. По тој повод, организирана литературна вечер. Учениците читаат свои творби. Многу убаво. Одлично! Се јавува и професорката по македонски јазик. Го чувме и нејзиниот невообичаен восклик. Радосна, возбудена, егзалтирана. Со неверојатен занес зборува за љубовта спрема својот македонски јазик, за љубовта спрема својата татковина. Човек не може да остане мирен, не може да остане рамнодушен од она што го слуша. Едноставно, те обзема, те исполнува тоа зголемено чувство на патриотизам.
Зборува професорката. Објаснува дека долго време се мачеле, мислеле, како да пронајдат мото во кое ќе бидат содржани нивните чувства, нивната неизмерна љубов спрема македонскиот јазик. Мислеле, мислеле и измислиле. Измислиле мото: “Македонијо, ВО СРЦЕ те носиме”. Слушавме и гледавме со восхит, со оџагарени очи и одеднаш – шок. Се било попусто. Зар е можно? Зар е можна ваква грешка? Професорката и порача на Македонија дека ќе ја носат ВО СРЦЕ, но не кажа во кое, во чие срце. Исто како кога би се рекло: “Јас живеам во држава”. Знаеме дека некој живеел во држава, но не знаеме во која. Кога би се рекло: “Јас живеам во ДРЖАВАВА”, тогаш станува јасно дека се однесува на нашава држава. Истото важи и за мотото што ни го соопшти професорката. Ако се рече: “Македонијо, ВО СРЦЕВО те носиме”, веднаш се разбира дека станува збор за нашево срце, за нашиве срца. Зборот срце е општа именка, неопределена. Кога ќе се изговори именката СРЦЕ (онака нечленувана) воопшто не е јасно за кое, за чие срце се однесува. Таа именка означува само родов поим. Затоа членот е неопходен. Кога ќе речеме дека Македонија ја носиме ВО СРЦЕВО, јасно е дека се мисли на нашето срце, на срцето од сите нас.
Безброј се ваквите грешки. Слушнавме на некои од националните телевизии дека на некоја клупа во паркот во Скопје, бил пронајден мртов човек со прострелна рана ВО ГЛАВА. Зошто тој новинар не знае дека треба да ја членува именката глава? Човекот имал прострелна рана ВО ГЛАВАТА, во неговата глава, не во некојаси глава.
На една друга телевизија се јави друг новинар, помајстор од овој претходниов. Тој ни соопшти дека бил ранет некој новинар во Сирија. Но нашиов известувач не не остави само со ваква штура информација. Тој ни објасни пошироко и подолго. Ни кажа дека новинарот од Сирија бил ранет ВО ГЛАВА, ВО СТОМАК и ВО НОГА. Е, ова е навистина од мерата надвор.
И еве за крај! За крај на написов, а не за крај на грешките. Тие немаат крај.
Во Прилеп се избрало ново раководство на Унијата на жените од ВМРО – ДПМНЕ. Ги гледаме на екранот жените од новото раководство. Новата претседателка чита и безброј пати повторува УНИЈА НА ЖЕНИ, па УНИЈА НА ЖЕНИ. А тоа е УНИЈА НА ЖЕНИТЕ. Именката жени мора да биде членувана. Тоа е определена именка. Се знае кои се тие ЖЕНИ, тоа се жените од ВМРО – ДПМНЕ.
Читајќи така претседателката (новата) ни ги претстави и другите членови на новото раководство. Не сме сигурни, но како да спомна дека една госпоѓа од новоизбраните е магистар по филолошки науки. Можеле да ја консултираат. Веројатно не се сетиле!
Но, ти Македонијо, не грижи се. И покрај сé, ние “ВО СРЦЕ ТЕ НОСИМЕ”.
Благоја Ивчески