ЉУБОВТА КОН ТАТКОВИНАТА Е СИМЕТРИЧНА РЕЛАЦИЈА

Младите умови дисперзирани низ светот: Љупчо Ристески, студент во Бугарија

Европска плата и промена на образовниот систем со повеќе пракса бараат интелектуалците

Патриотизам е да се сака државата, но тоа е “билатерално” чувство. И државата треба да им враќа загарантиран мегдан на родната грутка кој особено на младите би им претставувал фундамент за понатамошен личен просперитет и иднина за татковината. Љупчо Ристески, (24), апсолвент на Технички факултет во Софија, филијала Пловдив, во Бугарија, е еден од многуте млади кои се надвор од границите. Ем студира, ем работи во фирма БИ-СОФТ инженеринг на техничката поддршка на Виндовс, Линукс и ИП телефоните. Не се знае колку млади луѓе своето образование, а уште повеќе знаење, не само што го стекнуваат, туку и го применуваат во странство. Армија интелектуалци, откако ќе го почувствуваат мирисот на атмосферата на земјите членки на ЕУ, не се враќаат дома да го применат наученото. Се навикнуваат на поинаков систем на вредности, на функционирање на општествената заедница и остануваат во модерните европски текови.

Одлив на мозоци кај источниот сосед

            Државава засега е губитник на младите умови, кои, за жал, своите идеи, енергијата и визијата ги вградуваат во туѓи земји. Велат патриотизмот има две страни, а да се инвестира во Македонија, треба да има и клима за тоа.

            – Пет години сум во Бугарија. Се чувствувам како Македонец и немам бугарски пасош. Таму мислам на Македонија, но таа не мисли на мене. Патриотизмот не е еднонасочен и треба да се работи на тоа да се вработи младината. Тоа ми е целта. Се распрашувавме какви се можностите за отворање на македонски компании, одев во УЈП за регистрација на фирма и мислам дека за месец, два ќе ја отвориме. Екипата која работеше во фирмата во Бугарија, тие “деца” што ги бидуваше би ги повлекле, тука и би зеле уште пет или шест нови деца, за да се платени со европска, а не македонска плата, затоа што нашата струка секаде се цени и кадрите бегаат – вели Љупчо Ристески.

            Идејата за студирањето во Бугарија дошла заради тоа што пред пет години не постоела таква насока на информатичко-техничките високообразовни институции. Го привлекол и начинот на студии, особено програмата и учеството на практичниот наспроти теоретскиот дел.

            – Се одлучив заради праксата и лојалноста меѓу асистент – професор и студент и сум немал никаков проблем со професорите и асистентите. Дури 80 проценти е пракса, програми и слично, а останатото е теорија – објаснува Ристески.

До работно место без врски

            Тој стекнатото знаење го користи таму каде е поразличен нивниот систем на образување. Има уште еден испит како курсов проект и дипломска работа. Работи техничка поддршка во фирма за софтвер, работи ИП телефонија, програми, системи итн.

            – Македонија секогаш не знае да ги искористи вистинските кадри,  за разлика од Бугарија каде се цени работникот. Таму, ако си добар работник и студент, веднаш се наоѓа работа. Овде треба врски да влезам на работа и да го работам тоа што умеам и што го сакам да го работам. Или да го работам тоа што некој друг ќе ми го каже. Разликата е и во платата. Во Бугарија се зема европска плата, а кај нас се знае каква е платата – вели Ристески.

            Сега пак дома бара информација за законските процедури за отворање на слична фирма. Се интересира и за условите за локалниот економски бизнис и поддршката од општината.

            – Во Бугарија, фирма може да се отвори за еден ден, без пречки, без пријатели. Овде треба да се платат придонеси, да се вработи сметководителката, а таа да ми вели пази што правиш. Зашто, фирма овде се отворало за пет минути за 5 000 денари, а се затворала за три години и требале 5 000 евра. Тоа одвраќа – вели Ристески.

            Неговиот сон е заедно со колегите до декември да направат “он – лине” продавница, каде секој ќе купува што сака со кредитна или дебитна картичка. Додека е ваква бизнис климата, планира да остане кај источниот сосед.

            Он лајн купување

            Што би добиле граѓаните?

            – Нудиме работи што ги нема во Прилеп, и пред да излезат на пазар, да го добијат производот, со плаќање со картичка без кеш. Пример, некоја фирма што ја има во Скопје, и нуди лаптопи, без да одиш во Скопје, го гледаш на интернет и го добиваш дома. Пристигнува за 2-3 дена. Планиравме дури и курирска служба и се плаќа иста цена за испорака без разлика на кое место е во државава. Има интерес, но нема расположение. Прво банките треба да го изменат системот за плаќање со картички, а потоа граѓаните да ги сменат навиките – вели Ристески.  

Loading