Вести на национална телевизија. Радосна вест од Охрид. Нова туристичка атракција – КРСТАРЕЊЕ и тоа вечерно по езерото. Којзнае колкупати беше повторен зборот КРСТАРЕЊЕ. Се разбира, тоа е грешка, а во случајов ја прават двајца, но едниот не го гледаме – лекторот. Текстот го чита, како што велат сега, презентерката, а таквиот текст е лекториран. Значи и лекторот не знае. Но не завршува тука. Се вклучува новинарката од Охрид. Горда, радосна, ја повторува убавата вест – ноќно КРСТАРЕЊЕ со брод по езерото. Разговара таа и со организаторите. И тие се фалат. Ќе го има она што го немало – КРСТАРЕЊЕ. Сите, КРСТАРЕЊЕ, па КРСТАРЕЊЕ. Навистина да се крсти човек. Ајде, на тој организаторот да му простиме. Ама на новинарките?! Зар тие не слушнале дека македонскиот збор е КРСТОСУВАЊЕ?! Зар не чуле дека оние брзи, воени бродови што ги викаат Србите КРСТАРИЦИ, на македонски се викаат КРСТОСУВАЧИ?! Зар новинарките никогаш не го отвориле Речникот?!
КРСТАРЕЊЕТО први го внесоа туристичките агенции, кога почнаа да ги практикуваат оние прошетки со брод по Дунав, по Днепар и без да му ја мислат, си го зедоа српскиот збор – КРСТАРЕЊЕ.
КРСТОСУВАЊЕ по езерото, може да биде и ПРОШЕТКА по езерото, може да биде и некако поинаку. Може да се изведе и некој неологизам (нов збор). Зошто да не – ПРОВОЗ по езерото? Ако се пробива некој прави – ПРОБОЈ, ако извозува, прави – ИЗВОЗ, па и ако се провозува може да биде – ПРОВОЗ но, не мора. Доста е и КРСТОСУВАЊЕТО.
Се прави една друга, слична грешка. Ако живее некој човек многу бедно, се вели дека ЖИВОТАРИ. Сме го чуле и во Парламентот тоа. Еден пратеник, застапувајќи се за некоја група сиромашни луѓе, вели дека со таква социјална помош, тие не можеле да живеат, тие одвај ЖИВОТАРАТ. Се разбира, српскиот јазик ни е постојано тука. Кога ќе ни затреба, ќе си позајмиме збор и ќе си го “збогатиме” нашиот јазик.
А зошто да не речеме дека некој одвај ЖИВУРКА, а не ЖИВОТАРИ?! Некој што живее во голема сиромаштија, што не може да си ги задоволи најелементарните потреби, велиме дека не живее, туку ЖИВУРКА. Тоа е нашиот збор, така треба да се рече. Зошто да велиме ЖИВОТАРИ? Тоа не е наше!
Ами, колку пати сме слушнале или сме прочитале дека некој работник се повредил и обилно КРВАРЕЛ?! Сме слушнале за КРВАРЕЊЕ од носот, КРВАРЕЊЕ од прстот и слично. Колку често сме информирани дека едикојси им подлегнал на повредите, зашто имал големо внатрешно КРВАРЕЊЕ?! И овде го бркаме нашиот збор, а земаме туѓ. Нели велиме дека си го РАСКРВАВИВ прстот, си ја РАСКРВАВИВ раната. Ами, ако се РАСКРВАВИВ значи дека КРВАВАМ, а не КРВАРАМ. КРВАВЕЊЕ, КРВАВАМ, тоа се нашите зборови. Зошто не си ги препознаваме?! Господа новинари! Се борите за слободата на изразувањето. Ех, кога би имало сила да ви го забрани ваквото изразување, ваквиот хаос во вашата реторика.
Ќе се практикувало проверка на знаењето и однесувањето на некои работници во јавната администрација. Кога би можело да има и проверка за знаењето на јазикот кај новинарите!!! Кога би се случило такво нешто, сигурни сме дека секоја вечер ќе гледаме нови лица на екраните.
Вака, гревот е голем. Кој ќе ги разувери многубројните обични гледачи дека атракцијата во Охрид не треба да гласи КРСТАРЕЊЕ, туку КРСТОСУВАЊЕ?!
Премногу е ниско местово од каде што дејствуваме, за да бидеме чуени пошироко и повисоко. А тие што се на високо, се толку високи, што ништо не гледаат и не слушаат. Поточно – ништо не ги интересира од областа на јазикот.
Нашиот јазик сега го создаваат, односно го пресоздаваат, поголема група неодговорни новинари! Нека простат за изразов оние што не се такви. Ги има и нив!
Благоја Ивчески