МАГИСТЕРСКА И ДОКТОРСКА ЕПИДЕМИЈА

Повод: Извештајот за 33 години од универзитетот ,,Свети Климент Охридски,,  во Битола

            Со внимание го ислушав извештајот на ректорот на универзитетот во Битола “Свети Климент Охридски”, Д-р Златко Жоглев за 33 годишнината од организирањето на високообразовниот живот во југозападна Македонија.

            Од интерес ми беше да добијам некои сознанија од образовната и културно – просветната политика во земјава. По ослободувањето сé беше насочено кон целосно искоренување на заостанатоста на образованието и од земја со речиси 92 отсто неписмени граѓани, (академик Киро Миљовски и основното образование го сместуваше во оваа група) денес можеме да се пофалиме со речиси целосна опфатеност на младата генерација (и постарата) во системот на образованието. Од аналфабетски курсеви за описменување и неколку ќелијни училишта, веќе во 1945/46 година имаме организирано 1030 училишта (во тој број се и училиштата во работничките универзитети) во основното образование со 2229 учители. Денес тој број е преку 30 илјади учители, а со повеќе од 13 илјади училишта. Во средното образование од 69 училишта, со нешто повеќе од 19 илјади ученици и 722 наставника, денес тој број е преку 70 илјади ученици со преку четири илјади наставници.

            Уште многу статистички показатели го отсликуваат развојот на образованието. Овде го споменувам и квалитетот на наставниот кадар кој беше регрутиран од полуписмени и недовршени ученици, за одржување настава. Како куриозитет ќе наведам еден настан во прилепско училиште, каде за учител бил Стојан П. На учениците им предавал за наставната единица за топлина. Немајќи учебни помагала, тој им диктира на учениците – “Секое тело на топло се шири, а на ладно се собира. И точка”. Трајче М. кренал два прста и прашал – “Учителе, ами на Петре опинците во лето се стеснуваат, а кога ќе заврни, во зимо се шират”. Учителот се замислил – резон има, па на учениците им рекол – “Точката направете ја запирка и продолжете – ова не се однесува за опинците на Петре”.

            Денес не е така! Во основното и во средното образование, предавања држат дури и магистри и по некој доктор на науки, особено овие кои се фабрикуваат со болоњската конвенција. Дури се плашам дека, во наредниот период, ќе има повеќе магистри и доктори на науки од ученици и студенти, бидејќи се лиферуваат и регрутираат од сите струки и на универзитетите каде ќе најдат ментори, особено онаму каде паричниот надоместок за комисиите и институциите е помал во однос на останатите.

            Интересен е податокот дека, пример, во 1964 година магистрирале тројца кандидати. Потоа овај број расте по геометриска прогресија, а доктори на науки, повеќе од општествените науки, од 11, сега слушаме во извештајот на ректорот во Битола, на тој универзитет се промовирани 27 доктори на наука во една година.

            Оваа масовност и “желба” за стекнување со академски и научни степени, зазеде епидемиолошки размери. Како се магистрира и докторира е познато, ноторна работа.

            Едно чуди. Зошто Министерството за образование и наука и Универзитетите не преземаат мерки за сопирање на оваа “чудна болест”.

            За волја на вистината, мораме да речеме дека и во 80-те години беа присутни плагијати и полуписмени поднесоци, кои, за одреден паричен надомест, се “изработувани” тези за магистри и доктори. Но, немаше вакви димензии како денес.

            Во сеќавање ми е еден случај од медиумите. Не беше само тој. Член на Претседателството на ССРНМ и претседател на комисијата за месни заедници, при крајот на 70-те години, издаде  брошура на околу 130/140 страници за организацијата, задачите и целта на месните заедници. По една или две години на таа тема се одбрани, на Правниот факултет во Битола, докторска дисертација од наставник, кој денес е ангажиран да одржува предавања на еден од новите универзитети во државава, иако истиот е преку 70 години. Членовите на комисијата за преглед, оценка и одбрана (за жал денес сите починати) ја прифатија одбраната и му предложија на ректорот, кандидатот да го промовира за доктор на правни науки. Авторот на брошурата жестоко реагираше. Во неколку медиуми ја оспоруваше дисертацијата да се зачува авторитетот и интегритетот на универзитетот. Со чудни маки беше измолен авторот на брошурата, да престане со нападите, при што беше вклучен и претседателот на ССРНМ, како и и други раководители на општествено – политички организации.

            За многу одбранети дисертации можат да се дадат аргументирани образложенија за плагијатството и подобноста на дисертациите. За тоа во друга прилика. Според законот за високо образование и правилниците за магистрирање и докторирање, дисертацијата претставува самостојно изработен труд, со кој се дава (помал или поголем) научен придонес. Ако се прочитаат и анализираат дисертациите во последните десетина години, не можеме да дојдеме до такви сознанија и заклучоци. Особено кај дисертациите, одбранети на новите универзитети и универзитетите од поширокото опкружување.

            Последно што ми дојде до рака е дисертација, одбранета на прилепскиот економски факултет. Ја прочитаа неколку еминентни економисти и правници. Видувањето го дадоа во писмена форма до Економскиот факултет, универзитетите во Битола и Скопје, МОН, при што унисоно беше мислењето:

            1. Дека во дисертацијата е направен обид да се разработат повеќе претпоставки за подобрување на менаџментот во извршување на стопанските активности. Очекувавме академски пристап по тезите што беа дадени и дека ќе има своевиден придонес на научната мисла и соодветни решенија за проблемите што се присутни во стопанскиот и општествениот систем. Но за жал, иако редоследно, според научниот терк се поставени дефинирањето на содржината, целите на истражувањето како и предметот и методите по кој ќе се разработува темата (како е вообичаено за дисертациите). Но за жал, почнувајќи од страница 19 до 95, темите практично се преземени од учебни помагала, пред сé, од наши автори, а тек-тук ќе се сретне нафрлен некој странски автор, кого со повеќе колеги го баравме, но не можевме да најдеме источник, а го сретнавме во учебни помагала за средно образование.

            2. Презентираното од страница 101 до 203, не само што се среќава во делата на повеќе наши автори, туку е невкусно комбинирано, така што, е загубена смислата на текстот и содржината.

            3. Насоките, мерките и инструментите за подобрување на условите за стопанисување, можат да се прочитаат во програмите на ВМРО – ДПМНЕ, еден дел во една мала програма на СДСМ и ЛДП. Така што, ова, во никој случај, не може да претставува придонес кон науката.

            Иако е карикирано, ќе кажам дека во еден ден се брани докторска дисертација, наредниот се промовира кандидатот, а третиот или четвртиот ден се избира за доцент на 52-53 години.    

            Сите се прашаваме која е улогата на факултетот и универзитетот во извршувањето на функциите, според законот за високото образование. Чинам дека и факултетот и универзитетот му ја одзеле дејноста на работничките универзитети и со тоа ректоратот и деканатот целосно го деградираат научниот степен доктор на науки. Така, денес, многумина размислуваат дали со гордост да го носат академскиот или научниот степен, кој го заслужиле со една макотрпна истражувачка активност.

Д-р Глигор Попоски Професор во пензија.

Loading