Во индустриската зона Прилеп 1
Просечна цена е 220 денари за м2, а во општинската каса собрани се 11 400 000 денари
Преку двете електронски аукции за продажба на државно градежно неизградено земјиште, во индустриската зона Прилеп 1, од 21 градежна парцела продадени се 16 со што во општинската каса собрани се вкупно 11,5 милиони денари. Во индустриската зона Прилеп 1 од 23 градежни парцели со вкупна површина од 99.034 м2, продадени се 51.889 м2, со просечна цена од 220 ден/м2. Со ова, модерна индустриска зона на периферијата на градот со сета потребна инфраструктура, ќе никне во близина на фабриката Металец. Се планира уште една аукција за продажба на останатите парцели.
– Прилеп 1 е првата индустриска зона каде свои производствени капацитети ќе имаат фирми од лесната и незагадувачка индустрија. Инаку, на првата аукција на 17-ти април беа продадени 8 парцели, а на втората аукција од понудени 9 продадени се 8 парцели. Продадени се 16 парцели со вкупна површина од околу 52.000 м2. Има уште 5 хектари непродадено земјиште, а тоа се вкупно седум парцели, од кои за две парцели во тек е правна процедура со површина од околу 15.000 м2, кои ќе бидат понудени на следната аукција во јуни. Штом ќе бидат уплатени средствата ќе започне изградбата на инфраструктурата во индустриската зона Прилеп 1 – рече Марјан Ристески, градоначалникот.
Обврска на општината е да ја изгради инфраструктурата во индустриската зона. Комуналиите за производствените капацитети се пет евра за м2.
– Правните и физичките лица треба да достават проект за градба во рок од шест месеци, да платат комуналии и да отпочнат со градба. За објектите од втора категорија, како што се производствени погони, изградбата треба да заврши најдоцна за шест години. Но сите инвеститори најавија дека брзо ќе градат – вели Менде Зајкоски, раководител на Одделението за управување со државното неизградено земјиште.
Паралелно, се изработува деталниот урбанистички план за индустриската зона Прилеп 2, кај сточното пазариште. Оваа зона ќе биде дадена на аукција в лето. Се предвидува неколкуте хектари да се поделат на помали локации од по околу 500 м2 за услужни дејности, какви што бараат помалите фирми и работилници
Прилепчани “гладни” за плацеви
Поголемиот дел од инвеститорите се од градов. Највисока понуда имаа Автопоинт со 462ден/м2, Годам плати 300ден/м2. Остнати инвеститори се Марфил, Кули, Гинис, Дониа, Мартекс, Стакло Унион Нова, Климамонт, Депелиор и Димитрија Гиноски.