Осветен камен темелникот на храмот Свети Пантелејмон кој се гради во дворот на болницата
Храм Свети Пантелејмон се гради во дворот на општа болница. Осветувањето на камен темелникот го извршија вчера владиците на МПЦ во сослужение на свештениците од прилепското архиерејско намесништво. Со тоа се остварува идејата и желбата на жителите на урбаната заедница Рид, а која наиде на полна поддршка и разбирање кај градоначалникот Марјан Ристески. Не само што жителите ќе имаат поблиску црковен храм да ги изразуваат своите верски чувства, туку и болните ќе можат да се помолат за здравје, а светецот според верувањето од преданијата се смета за заштитник и на лекарите. Иницијативата за изградба на храмот на жителите од Рид наиде на позитивна клима од МПЦ. Храмот ќе овозможи граѓаните да имаат сакрален објект во кој ќе ги изразуваат своите верски чувства – вели градоначалникот Марјан Ристески.
Црквата Свети Пантелејмон ќе биде со димензии 8 метри квадратни. Според Житието, Свети Пантелејмон бил наречен Пантелеон, што значи “во сѐ како лав”, но подоцна тоа име било заменето со Пантелејмон, што значи “семилостив”. Му помогнал на мртво дете на пат каснато од змија. Тој се обратил со молитва кон Христа за помош и наеднаш детето се разбудило од сон, а змијата умрела. Пантелејмон станал познат лекар. Се обраќале многу за помош, оти ги лекувал молејќи се на Господ Исус Христос. Свети Пантелејмон се повикува во молитвите за водоосветување и елеоосветување, заедно со другите безсребреници и чудотворци.
Храмот ќе го гради фирмата Виком со помош на МПЦ, локалната самоуправа и со доброволни прилози од граѓаните.
Покрај овој храм, градоначалникот Ристески најави скорешна изградба и на параклис во типската населба, кој ќе го носи името Свети Елена и Константин, а пак храм “Свети Наум Охридски” ќе се гради на влезот во градот, во непосредна близина на спортската сала Македонија.
Храмовите ќе бидат осветени на 24-ти, односно на 30-ти април во 11 часот.
Паралелно и мошне интензивно се одвива изградбата на црквата Света Петка во Точила која планирано е да биде осветена кон крајот на годината.
На Голем Петок на Варош
Денеска е Голем или Источен Петок, Балаклија, денот на Варошани кои ги отвораат ширум портите и секој гостин е добредојден. Вековна е традиција на варошани за празнување на Голем Петок. Река луѓе се упатуваат во Варош, најстарата населба во Прилеп за да запалат свеќа и налеат вода со чудотворна моќ од изворот во манастирот Свети Архангел Михаил. Ќе се служи света литургија, а верниците ќе се помолат за здравје и среќа.
Според преданијата, изворот со лековитата вода се појавил во 14 -от век, со помош на Богородица и не е пресушен. Се верува дека денешниот празник, Голем или Источен Петок ги слави сите извори на вода, појавени во светот со помош на Богородица. Од неа излегол изворот на животот, затоа се вика Источник на животот. Нејзината икона е како во путир. Христос го наоѓаме во путирот, а околу неа тече вода со која луѓето се мијат и се лекуваат.
Манастирската црква датира од почетокот на 10 век.