Старо – нова библиотека

Петар Петрески, директор на ГБ “Борка Талески”

Манифестација “Книга на отворено небо”, такси книга за изнемоштените

Петар Петрески е директор на градската библиотека “Борка Талески”, која е составена од централната и уште една во селото Тополчани. Своевремено, градската библиотека располагаше со дисперзирани библиотеки во Кривогаштани и Ропотово. Поради малиот интерес за книгите и децентрализацијата, го повлековме библиотечниот фонд од овие места и ја рестартиравме библиотеката во селото Тополчани. Таа беше во мирување три години, заради недостиг на основни хигиено – технички услови. Со средства на локалната самоуправа, објектот е целосно реновиран. Книжниот фонд изнесува 20 илјади книги, а во догледно време планирано е и отворање на интернет клуб и снабдување со дневен печат – најавува Петрески.

Видео бим, озвучување и проектор

Проектот “Книга на отворено” е популарен кај љубителите на книгата. Сите значајни македонски издавачки куќи како “Просветно дело”, “Матица македонска”, “Ѓурѓа” и други ги претставуваат своите најнови изданија и ги нудат на читателите по намалена цена за 10 отсто пред споменикот на Цепенков пред библитеката. Располагаме со две читални, интернет клуб и читална за дневен печат. Планираме изнајмување на големата сала за разни промоции, конференции, манифестации и за други културно уметнички настани, како и за комерцијални претставувања на фирми – кажа Петрески. Тој дополнува дека салата ќе биде целосно ентериерно реновирана, ќе биде поставен видео бим, озвучување и проектор. Веќе две години имаме приклучок во електронската база на податоци КОБИС, наменета за интернет пребарување на книги за да се намали работата со “механичкиот” систем со членски картички. Првата фаза на проектот е скоро при крај, потребно е да се дополнат податоците за уште мал број книги. Втората фаза претендира целосно отфрлање на мануелниот начин на работа, со што ќе имаме “рентгенска снимка” на  издадениот фонд и точно ќе се знае која книга каде е и кога треба да се врати – истакна Петрески. Горди сме со роднокрајното одделение, кое може да биде “книжевен музеј” за афирмирање на прилепскиот ум – потенцира директорот.

Недостасуваат кадри

Од сработеното го спомна целосното реновирање на детското одделение, набавката на нови технички средства, реновирањето на санитарните јазли, набавката на голем број наслови на англиски, германски, француски и италијански јазик и инсталирањето на противпожарен алармен систем кај складиштето за книги. Организатори сме на повеќе настани, од кој најинтересен е “Поетското Маркукуле”, кое традиционално се изведува секоја година на местото “кај слонот – на тронот”, каде секој може да го искаже својот литературен дух. Библиотеката има сопствена издавачка дејност – кажа Петрески, кој менаџира со библиотека со над 140 илјади наслови со тренд тој број да расте. Проблемите со кои се соочува библиотеката е недостигот на квалификуван кадар и немањето на доволен магацински простор. Амортизација на овие проблеми ќе се постигнува со предвидено волонтирање, затоа што процесот за вработување на нови лица е доста ригиден. Планирана е доградба на просториите за да се обезбеди доволен простор за книгите.

Такси книга

Поаѓајќи од хуман аспект, организираме “такси книга” за граѓаните кои од здравствени или други причини се спречени да ги користат лично услугите на библиотеката. Бесплатно ги зачленуваме и им издаваме книги, кои тие ги нарачуваат преку телефон. За проектот има интерес. Затоа ќе продожи и во наредниот период – изјави Петрески.

Loading