Магистер на коњ

Ивица Котески се носи со идеја да создаде војводински салаш на прилепска почва

Два расни коњи е ергелата на Ивица Котески во Галичани

Во малиот ЗОО парк одгледува и јужноамериканска лама

Нема човек кој не гледал вестерн филм и не посакал да јавне и збодне некој од коњите на каубоите. За жал, коњите во филмовите ги заменија “железниот коњ” – возот, а секоја работа за коњите сега ја “бркаат” камионите и тракторите. Останаа коњите само за паради на свечености и за товарање дрва по селата. За да се врати коњарството како стил на живот и уживање во благородните животни, се труди Ивица Котески со ранчот во село Галичани. Никој не би помислил дека магистер по економија со сопствен бизнис и семеен човек ќе се зафати со џокејство, ама крвта не е вода. Дедо му Благоја и татко му на Ивица негувале љубов кон чистокрвните коњи. Биле и членови на коњичкото друштво “Мирче Ацев” од Прилеп во минатиот век. Ги гледал коњите и се воодушевувал, ама ништо повеќе од едно-две тимарења.

Коњи место кола

Вистинската љубов кон коњите и идејата да чува и јава чистокрвни “вранци” му дошла пред пет години во Суботица, во посетата на старо –  унгарскиот замок “Фантас” во кој имало ергела. Тамошните коњи ги плениле срцето и душата на Ивица. Сакајќи да í ја пренесе радоста и на сестра му Емилија, í рекол да се симне од соба и да ги виде коњите, ама таа имала тешка главоболка. Ја убедил некако да слезе до ергелата, и како со магија, главоболката поминала. Тоа било пресвртница да ги “прежали” парите и да ја пресели позитивната енергија на коњите дома за релаксирање после стресниот работен ден.

Мераклијата за коњи има критериум за ставити коњи. Треба да бидат големи, црни “вранци” и со мирен “табиет”. Се распрашал кај стручнаци од Војводина, и тие препорачале коњи “Нониус”, одгледувани во Унгарија од времето на Наполеон.

Не му требало многу убедување да земе два миленика, за кои вели дека ги платил колку една добра нова кола. Во Војводина отишол со џип Тојота. Ја слушнал астрономската цена за коњите и се пожалил, а искусниот и стар продавач му рекол: “Возиш куп железо, а јас овде ти продавам душа. Колку луѓе ќе се завртат да го видат џипот, а колку да те видат на коњот”? Покрај пастувот Карољ нагалено викан Карчи, ја купил и Беба од Унгарија. Карчи е директен потомок на Хунта кој важел за најдобар во тој крај. Двата коњи “одговараат” на 30 команди при јавањето. Иако изгледа лесно, потребна е голема концентрација, вештина, кондиција и соодветна опрема да се зауздаат грамадните, но нежни животни.

– Коњарството е скап “спорт”, како што вели Ѕвонко Богдан: “Ако сакаш да се уништиш купи еден коњ, а ако сакаш побрзо да се уништиш земи два”. Опремата, уздите, седлата, прачката за јавање, потковиците, храната и додатоците за исхрана се навистина скапи, ама барам да се најквалитетни. Во Македонија единствено има квалитетна храна за коњи, а останатото го купувам од Унгарија, Грција и од новосадската продавница “Клаир”. Не давам да ги потковува било кој. Барам луѓе надвор од Македонија кои ја знаат работата – вели единствениот љубител на коњи во прилепско.

Посакува да ги врати старите и заборавени вредности на помирните времиња и пак го цитира Ѕвонко Богдан – “Го прифаќам брзото време на живеење, ама копнеам по старото добро време”.

Коњите со чип се лек за срце

Коњите ги носи на ревии и саеми за коњарство во Бугарија, Србија, Словенија, Грција, Унгарија. Бил и во Дубаи за да ги види познатите арапски коњи кои се миленичиња на “нафтените” шеици. Арапите не му оставиле голем впечаток, оти биле мали по раст, незауздани, палави тешко скротливи.

– Ги поседувам најдобрите коњи во цела Македонија и пошироко. Им нема конкуренти. Доаѓаат мераклии со “длабок џеб” од Скопје и од Грција да ги купат, не прашувајќи за цена. Сите ги одбивам. Ама со задоволство им ги давам на младите ентузијасти да ги појаваат на полјанката. Тројца млади од Турција разбрале за моите “чистокрвци”. Кога ги јавнаа, се радуваа небаре го освоиле Монт Еверест – со задоволство кажува Котески.

Ивица е во потрага на добар дресер од “Караѓорѓевата ергела”. Сака да ги тренира од есен до следниот мај. Копнее да учествува на ревијата во Нови Сад и во Македонија да го донесе златото за расата “Нониус”. Чека уште една година Карчи да наполни четири и да биде подготвен за расплод, па да ја ождреби кобилата Беба да има уште добри приплодни грла.

За одржување на коњите не е потребно само негување, туку и љубов. Вработен е човек, кој се грижи за коњите. Но, Ивица ужива сам да ги гали, да ги чешла, да ги дотерува, да ги тимари и храни. Вели дека не се доловува и не се опишува со зборови чувството да се ужива во близината на коњот. Според него, се доживува некаков флуид, се воспоставува релација, со која човек се раѓа, а која доживотно трае со меѓусебна доверба.

Кумот и добар пријател на Ивица, пејач на групата “Легенди”, Иван Мелинковиќ, за свадбата сакал со пајтон да се прошетаат до свадбената свеченост. Коњите биле истимарени, пајтонџијата дотеран, но дождот го распал задоволството.

Љубимците на Ивица се со вграден чип, и се знае секогаш каде се и од кого се. При отуѓување мора да се пријави кога и на кому му се продадени, бидејќи мора да се внимава на крвното сродство. Токму затоа Беба е од Унгарија, а Карољ од Војводина, за да се избегне крвното сродство и да се добијат квалитетни полнокрвни грла.

– Жалам што кај нас не се обрнува внимание на коњарството, иако во светски рамки тоа носи огромни приходи. Во Србија коњите се осигуруваат на големи суми, како автомобилите. Овде е неможно. Ако Прилеп се промовира за туристички град, мора да има барем еден пајтон да ги носи туристите на познатите релации, ама од општината не ни дадоа одобрение за таква рута – вели Котески.

Во исто време апелира да се запознаат младите со вредностите на коњарството. Токму коњите му помогнале на Ивица да го исцели срцето. После прегледот, докторот констатирал значително подобрена состојба, откако почнал да јава. Му препорачал терапија – да продолжи со јавање. Сака да формира здружение за коњарство, за да можат полесно да посетуваат саеми и да придонесат за развој на коњарството, па и како правно лице да ги доставуваат своите барања пред властите.

Мини – Салаш во Прилеп

Ивица Котески веќе купил простор. Локацијата е подготвена да изгради ергела, која ќе ја збогати со арапски, полнокрвни англиски  коњи, и, се разбира, со познатите липицанери. Планира сегашната ЗОО градина  во Галичани со пауни, диви свињи, лами, мисирки, патки и други егзотични животни да ја збогати со други животни и птици, а со  градбата на објектите на новата локација  да има и етно – ресторан со храна како војводинската. Како иконографија и за атракција, на локацијата ќе се движат пајтони, чези и стари товарни коли, влечени од коњи.

– Посакувам да го поделам релаксирачкото чувство, подобро од било кој лек, што го имам кога ќе појдам во Војводина. Со етно –  ресторанот, сакам барем до некаде економски да ги покријам трошоците за одржување на коњите, оти сега тоа го правам само со мои средства и поддршка од семејството- вели Ивица кој е верен љубител на музиката на Ѕвонко Богдан, и во секоја реченица успева да вметне по некој стих од неговите песни.

Лама во Галичани

Котески е човек кој сака да го има она што другите го немаат. Меѓу европските птици и животни, одгледува јужноамериканска лама. За ќеф на душата купил две лами при турнеа на циркусот Медрано низ Прилеп пред пет – шест години. Едната пцовисала, па друшката í е осамена.

Ламата е јужноамерикански вид на камила, која е припитомена пред 3500 годни. Народите под Андите ја користат за товарење, а и како извор на месо и кожа. Позната е по својата висококвалитетна волна. Високи се околу 1,7 метри, тежат од 130 до 200 килограми. Можат да се товарат до 30 насто од својата тежина. Ламата е интелигентно животно. Често се споредува со овца, но потекнуваат од родот камили. За разлика од сахарските камили, ламите живеат на големи височини и ниски температури во големи стада. Се хранат со сено или жито. Може да се провери колку е нервозно животното преку плунката – колку е потемна, толку е понервозна ламата.

Loading