СЛУЧАЈНА СРЕДБА

Ни пристапува непознат човек. Подава рака. Се поздравуваме.

– Вие сте Благоја Ивчески! – вели човекот.

– Да, јас сум!

– Ве познавам одамна. Јас сум Ладе. Наставник, од скоро сум пензионер. Го читам “Зенит”, ги следам со особено внимание вашите написи за јазикот. Одлично! Многу ми се допаѓаат. Многу лоша ни е ситуацијата со јазикот. Го израсипаа! Особено оние новинарине од телевизиине. Многу, многу лошо. Ајде, еве, за некои грешки да им простам. Ама за членот?! Никако не можам да го оправдам испуштањето на членот. Зошто не велат во РАМКИТЕ НА ЗАКОНОТ, туку велат во РАМКИ НА ЗАКОНОТ?! Па, зар членот не е една од најважните карактеристики на нашиот јазик? Зошто вие не пишувате за оваа лоша појава? Зошто не пишувате за изоставањето на членот? Знаете ли колку се нервирам поради тоа?! Сум се обидел да интервенирам на повеќе места, но ништо! Беспомошен сум! Зошто не пишувате за членот?

– Како не! Во многу написи сме пишувале за тоа!

– Ама уште, уште! На овие наши луѓе треба постојано да им се повторува па така да можат да сфатат. Пишувајте ве молам за членот. Ова е страшна работа. Го расипаа јазикот!

Па, да го послушаме новиот пријател. Да напишеме повторно нешто за членот. Таквите девијантни појави доаѓаат од скопските телевизии каде што се зборува на скопскиот жаргон, наместо на литературен јазик. На пример, скопјани велат, “Ни на КРАЈ ПАМЕТ не ни е тоа”. На КРАЈ ПАМЕТ?! Две именки КРАЈ и ПАМЕТ, со ништо неповрзани и неопределени. Исто како да рече човек дека клучот му е во ЏЕП ПАНТАЛОНИ, наместо членувано во ЏЕБОТ НА ПАНТАЛОНИТЕ. Скопјани прашуваат КОЛКУ Е СААТ, наместо КОЛКУ Е СААТОТ. Таквите грешки ги слушаме редовно, локалните телевизии ги прифаќаат (!), народот мисли дека така треба. И, се случуваат непростливи грешки.

Се здечкаа нешто пратениците и новинарите. На новинарите не им било дозволено влегувањето во КЛУБОТ на ПРАТЕНИЦИТЕ. По тој повод, во една емисија ја видовме и вратата од КЛУБОТ. И замислете, на неа пишува КЛУБ НА ПРАТЕНИЦИ, наместо именката ПРАТЕНИЦИ да биде маркирана со член и да пишува КЛУБ НА ПРАТЕНИЦИТЕ. Таа именка е определена и треба да биде членувана.

Не знаеме во кои простории работи Комисијата за лустрација. И таму, поради караниците и расправиите, во една емисија ја видовме вратата од просторијата во која работи Комисијата. На вратата пишува – ЧЛЕНОВИ на КОМИСИЈА. Како да е тоа некоја апстрактна, непозната комисија. И таа именка е определена, станува збор за Комисија што ни е позната, што е наша. Таа мора да биде членувана – ЧЛЕНОВИ на КОМИСИЈАТА. А, барем за таму, во Собранието знаеме дека има лектори.

Редовно слушаме и читаме – ЗДРУЖЕНИЕ на НОВИНАРИ, наместо НОВИНАРИТЕ. Дури и самите новинари си го викаат ЗДРУЖЕНИЕ на НОВИНАРИ. И од многу писатели слушаме да си го нарекуваат своето Друштво – ДРУШТВО на ПИСАТЕЛИ, наместо ДРУШТВО на ПИСАТЕЛИТЕ.

Ретко, мошне ретко, некој да рече ИСТОРИЈА на УМЕТНОСТА. Сите велат ИСТОРИЈА на УМЕТНОСТ. Дури слушаме да се вели и АКАДЕМИЈА на НАУКИ и УМЕТНОСТИ, наместо АКАДЕМИЈА на НАУКИТЕ и УМТЕНОСТИТЕ.

Мошне често слушаме и читаме на екранот – ГЛАС на АМЕРИКА, наместо ГЛАСОТ на АМЕРИКА. Слушаме дека ќе се донесувал ЗАКОН за МЛАДИ, наместо за МЛАДИТЕ. Се донесува ЗАКОН за МЕДИУМИ, наместо за МЕДИУМИТЕ. А оние, “редовните” грешки веќе не се доброваат – УНИЈА на ЖЕНИ (те), ЗДРУЖЕНИЕ на ПЕНЗИОНЕРИ (те), ДРУШТВО на МУЗИЧАРИ (те), ЗДРУЖЕНИЕ на БАНКАРИ (те), ЛИГА на ШАМПИОНИ (те) и така, до бескрај.

Ете, драги нов пријателе. Ја делиме со тебе загриженоста за јазикот. Ја делиме и беспомошноста нешто да направиме.

Ни останува да ги слушаме оние кои најмногу грешат, а најгласно викаат дека јазикот и идентитетот не ги даваме! Нив никој не можел да ни ги уништи! И не треба никој да се труди да ни ги уништува! Ние самите ќе си го направиме тоа!

Благоја Ивчески

Loading