Магдалена Нунеска, сликар
Тематската изложба од 15 слики од три циклуси, насловена “ALL = STAR” од Магдалена Нунеска, која има прилепско потекло, ќе биде отворена вечерва од 20 часот во галеријата на ЦК “Марко Цепенков”. Уметницата од Скопје првпат има самостојна изложба во Прилеп. ALL ги означува сите мои изложени дела, нови или OLD – стари создадени дела. Индијанците се моите OLD STARS. Осекогаш ми биле инспирација, моја љубов. Во едно од делата колажирани се фотографии од мои стари пријатели, изработени како индијанци, односно моите OLD STARS. STARS се сите мои блиски (пријатели или роднини). Сликите што сум ги создала или ќе ги создадам се STARS. Моите омилени патики се исто така ALL STARS. Ги има во разни бои како и колоритот на моите слики. И на крајот циклусот се “STARS”, кои просат, што беше производот на дипломската работа. На сиромашните, бедни работници, луѓе од пониската класа, им ставам глави на познати личности “STARS”. Личностите, светот ги знае како големи хуманитарци, но го поставувам прашањето дали тие знаат како е да си на местото на обичните смртници. Јасно е зошто изложбата го носи ова име. Во делата, од различни агли, гледам STARS – потенцира младата сликарка. Нунеска завршила ФЛУ во класата на Јован Шунковски. Имала повеќе групни изложби во земјата и во странство. Учествувала на повеќе ликовни колонии.