СИТЕ СМЕ ГРАДИТЕЛИ НА ЦРКВАТА СВЕТА ПЕТКА

Интервју Бранко Нешкоски, директор на ЈП за просторно и урбанистичко планирање

До крајот на годината ќе биде осветена новата црква Света Петка во Точила во која ќе има канцеларија за промоција на манастирскиот туризам

Прилеп 1 во близина на Металец е првата индустриска зона, а ќе се градат уште три

В касарна ќе никнат повеќекатници

По еден век во градов се гради нов сакрален објект. Црквата Света Петка во населбата Точила, која е една од најурбанизираните населби со 12 – 15 000 жители, ќе биде место каде граѓаните ќе ги изразуваат своите верски чувства. И во стариот и во новиот ГУП, површината која е во сопственост на МПЦ, била наменета за изградба на сакрален објект. Што значи да се гради црква?

– Оваа генерација е сведок и носител на изградбата на овој објект. Црквите се градат за народот и ги гради народот. Локалната самоуправа се јавува како помош во логистика, поддржувач и организатор на три донаторски конференции. Има иницијативен одбор во кој се познати граѓани, претставници од Локалната самоуправа, од МПЦ, а претседател е намесникот Блаже Станкоски. Се отвори паралелна жиро сметка на црквата, каде што се влеваат и се одлеваат средствата за изградбата на објектот. Од трите донаторски конференции, за кои задоволителен интерес пројавија фирмите и граѓаните, сите собрани средства се вградуваат во објектот кој полека но сигурно расте.

До каде е изградбата на црквата?

– Се лие втората купола, армирачко-бетонските работи се скоро завршени, во тек е издигањето на втората купола. Покрај доминантната црква Света Петка, комплексот ќе содржи, од левата страна камбанарија од 19 метри во истиот стил како црквата, предвиден е да се изгради комплекс на трпезарија за разни намени, меѓу кои и канцеларии. Ќе има канцеларија за промоција на манастирскиот туризам кој на Прилеп му недостасува и не е доволно промовиран. Прилеп по територија е најголема општина која изобилува со најголем број цркви и манастири не само во градов, туку и во опкружувањето. Бисери на овој вид на туризам се Трескавец, каде што идат луѓе од целиот свет да го посетат, Зрзе, манастирот Свети Никола во Мариово, па и Свети Архангел е редок уникатен објект со ретковидена диспозиција и сплотеност на природата и човечката архитектура, симбиоза на градителството и релјефот.

Кога ќе чукне камбаната?

– Неблагодарно е да се зборува за рокови, бидејќи ова не е тендер и динамика како што се објектите со конкретна финансиска конструкција. Се надеваме дека до крајот на годинава објектот ќе биде подготвен за осветување. Тоа подразбира целосно изработен капитален објект, а живописувањето, ентериерните детали ќе се обновуваат постојано. Сведоци сме на црквата Параклис каде до пред некоја година се доградуваше куполата. Дури постои црквата, се доградува. Континуитетот на изградба е додека постои црквата тие детали се финесираат.

Кои се параметрите на објектот?

– Парцелата е 2500 м2, а црквата е со димензии 22 на 16 м, проектирана во традиционален стил, како црквите од тринаесеттиот век со две куполи, со два впишани крста. Материјалите се одлика на ова време, армирано-бетонска конструкција, а надворешната обвивка ќе биде во стилот на црквите од византискиот период. Надворешноста ќе биде во стилот на црквите со кои изобилуваме, т.е. со бисерите на градителското наследство како што се Св. Димитрија, Св. Никола… Сето ќе биде поставено на поплочено плато со материјали кои се карактеристични со акцент на градските фирми. Еснафите отсекогаш ги помагале изградбите на сакралните објекти. Сведоци сме за Трескавец, на секоја соба си има камена табла со натпис од кој еснаф е донирана. Слично ќе повторуваме и овде, методите се исти. Целиот простор хортикултурно ќе биде уреден, а ќе има и две фонтани.

Во ГУП доминираат индустриските зони

На Прилеп, со измените на законот за просторно планирање, му претстои интензивна урбанизација. Урбанизмот е основа за развој на било кој град. Има сегрегација на урбанизирањето – од просторен план, генерален урбанистички план кој се изработува за градот и е основен стратешки документ за развој на градот. Урбанистичката документација не е догма која е дадена еднаш за секогаш, таа се менува постојано и лоша проекција на ГУП, може далекусежно да се одрази лошо на следните генерации. Некогаш се ограничува развојот на градот. Преважни се тие плански одредби. Добар ГУП дава предуслов за изработка на коректни и издржани ДУП-ови. ГУП-от третира наменски зони. Во тие наменски зони се креира зона за домување, зона за индустрија, зона за трговија, зона за јавни објекти. Сега со новиот ГУП, повеќе е нагласена  индустриската зона, согледувајќи ги потребите на нашиот град.

Прилеп 1 е првата индустриска зона во близина на Металец?

– Со стапката на невработеност природно се наметнува потребата дека треба да се форсираат напорите да се направи предуслов за изградба на нови стопански зони, во кои ќе се градат мали, големи и средни стопански капацитети кои ќе интегрираат во себе работна сила. ГУП-от беше проширен за 400 хектари, а од крајот на 80-те години нема продадена градежна парцела за индивидуално домување. Со измените, со добивањето на располагање на државното неискористено градежно земјиште на локалната самоуправа се создадоа услови за продажба на ова градежно земјиште. Градот оттуѓува земјиштето за градба на објекти кои се предвидени по овие урбанистички документи. Претстои продажба на парцели кај фабриката Металец. Во тек е тендерот. Во “игра” се 21  парцела со 15,6 хектари. Тоа ќе е добар инпут за стопанството, што во најмала рака ќе ја ублажи невработеноста. Се наметна природно, на тој дел да се изградат индустриски капацитети. Ќе “никне” индустриска зона и кај Сточниот пазар на 2 хектари. Стопанска зона ќе има и спроти Жито Прилеп.

Плацеви за згради и куќи

Се предвидува проширување на Прилеп со изградба на станбени објекти?

– Градот ќе се шири кон Вештачкото езеро. Се предвидува градба на станови, колективна градба во Касарната на ул. “Борис Кидрич” и на ул. “11 Октомври”, спроти Бонита. Првата фаза на индивидуална градба е во продолжение на Типската населба, каде ќе бидат застапени сите видови на домување: повеќе куќи залепени за поскромниот буџет на граѓаните, а ќе има има парцели за двокатни ќуќи, парцели за слободна изградба, парцели со повисок третман на живеење, односно поголеми парцели од 800 до 1000 квадрати, за граѓаните кои можат да си дозволат таков тип на живеење. Тоа се 42 хектари со огромни трошоци за инфраструктура, пат, струја, канализација… Покрај овие видови на домување има зона со услужни објекти, трговски центри, училишта со детска градинка, големи парковски површини, адекватнен број на паркинзи. Ни претстојат наредните 10 години интензивна изградба, а тој предуслов е урбанизацијата. Урбанизацијата е плански документ кој е од голема важност за било кој град, бидејќи градежништво продуцира уште 20 – 30 објекти од  компатибилни гранки со трговска дејност.

Прилеп е растегнат

Изработен е ДУП за Варош на 48 хектари, наменска зона кој продолжува до Институтот, кој оди нагоре до мостот. Прилеп е растегнат град за разлика од кружниот распоред на урбанизираните градови.

Loading