Губитнички танц на Бранко

Бранко пак дојде во Прилеп, без срам и перде. Со СДСМ губи, а тој се дрзнува да им се опули в очи на граѓаните. Лице ли има, ѓон ли му е образот, умее ли нешто од демократија. Таман се воспостави принципот тој што губи заминува, како со Бучковски и со Шекеринска, тој ги собра своите пулени и не го дава лидерското место. Губи, а не се менува. Груевски трие раце, додека Бранко се обидува да ги прејде прилепчани, не респектирајќи ја интелигенцијата. Од 2002 година не знае што е изборна победа, а кутриот Црвеновски се мачи, убедува дека салонската партија се трансформирала во блиска до граѓаните. На сомнежливите сдсмовци, како мене, потрвда дека партијата не се менува, ми дојде со објавувањето на списокот на Советот на СДСМ. Тројца наши сограѓани се најдоа на листата. Во игра се враќаат да го советуваат Црвенковски, кои и избраните не му веруваат, Димко Кокароски, Тале Герамитчиоски и Кирил Настески. Како ќе му помагаат на Бранко и партијата? Се чудам и се прашувам луѓе кои го отпеаја своето. Герамитчиоски, бившиот заменик министер за образование, додека беше министер, ич не направи да вработи некој даскал повеќе во Прилеп. Пријателствата со темни типови го вмешаа во сомнителни зделки при снабдување со нафта по училиштата низ Прилеп. Кокароски е поранешен заменик министер за финансии и поранешен амбасадор во Полска. За неговото политичко портфолио нема што да се зборува, освен што ги суреди своите по сопствен вкус. На другите им ги остави ветувањата да им ги остварува во некои други времиња. Исцрпен политичар. Дури е и член на дипломатскиот совет. Како заменик министер тешко им ја отвораше вратата на бизнисмените од Прилеп. На Кирил Настеки, поранешниот пратеник од СДСМ и заменик министер за градежништво и урбанизам, не му е јасно кој го напишал на списокот да дели совети. Сегашниот Јанакиески, кој може да му биде син, по возраста, може да му држи лекции. Човекот го прегазило времето, а некои сакаат да го експлоатираат неговото искуство.          Зар Прилеп нема посаглам кадар за совети на СДСМ и на Бранко? Ако го земеме релативно младиот координаторот Александар Спиркоски – Џемо, тогаш јазк е СДСМ. Кога не знаат дека крушата паѓа под круша, тогаш ќе губат избори. Ставиле таму и некои црвенокоси жени. Тие не се тргнати во партиска битка за освојување на симпатиите на народот, туку на модна писта. И Горан Сугарески не е веќе ниту млад, уште помалку нов. И тој веќе е ветов. Имаше храброст и ја зеде Партијата под мишка и се офајди со пратеничка фотелја. А ние кои трчавме за него ќе лижеме мед преку тегла. Ако Сугарески мрдна, што сработи неговиот претходник Гешоски, кој од кафето Верба сега токми лустрации, по четиригодишниот пратенички мандат. Не знам само како повеќе бојниот Зоран Стефаноски од “СДСМ” замина да ја регулира радиодифузијата. И остана. Нели вмровците ги менуваат туѓите тела. А Стефановски остана. Случајно или порасна свеста на ВМРО – ДПМНЕ? Хаа,,. Знае да плива Зоки и во матно и во бистро. Камелеон е од Ѕинго, па Тупурковски… Да не има уште некоја партиска боја во меѓувреме или сега? И на крај, се плашам од пишаново. Се плашам од своите. Зашто вмровците не се одмаздуваат. Своите разбегани ги прибираат во јатото. Ги остават и сдсмовците на своите места. Не им го земаат лебот. Тоа го знаат половината од вработените сдсмовци во локалната самоуправа. И во другите институции. И ним не им фали влакно од главата. Моите сдсмовци ќе ме распарчат како гладни волци плен, кога ќе ја земат власта, ако воопшто успеат да ја приграбат со умештва до власта, освен ако вмровците сами не си ја дадат. Ама како што ја тераат работата, како што им одат изборите, ќе владеат додека на народот не му се здодеат, а не од што ќе го бива СДСМ со вакви лузерски постави.

Името и презимето се познати на редакцијата.

Loading