ПРИЛЕПЧАНКА – ПОЛИГЛОТ ВО КИНА

Симона Спиркоска, студент во Пекинг

Воодушевена е од кинеската култура, а  храната и е вкусна

Велат и најдолгиот пат започнува со првиот чекор. Таков чекор направи 22 годишната Симона Спиркоска. Млада девојка која плени со својот интелект. Решила и заминала на студии кинески јазик на престижниот Беијинг Интернатионал Студиес Университѕ во Пекинг. Имала препорака од професорката од Филолошкиот факултет во Скопје да биде стипендист на кинеската влада да го научи кинескиот јазик. Веќе две години е единствена Македонка меѓу десетиците илјади странски студенти од повеќе земји.

Совладала три илјади знаци

Универзитетот, на кој ги изучува тајните на кинескиот јазик е еден меѓу најпознатите во Кина. Презадоволна сум од престојот и условите за студирање во далечната земја. Универзитетскиот кампус нуди највисоки светски стандарди за престој и учење. Лесно се прилагодив во новото опкружување. Сé ми беше исполнето со нови предизвици. Тоа ми даде силна волја и потстрек за остварување на зацртаната  цел – вели Симона. Како мала сакала многу јазици. Затоа се одлучила да студира италијански на Филолошкиот факултет. Кога требало да избере друг јазик одлучила да биде кинескиот. Тежок беше првиот час. Тоа не ме поколеба, бидејќи е интересен јазик, со многу дијалекти. Мандаринскиот дијалект е главен. Се смета за литературен. Тешко се разбираат другите кои не зборуваат литературно – објаснува Спиркоска.  Кинескиот јазик  бил еден од најтешките. Со своето комплексно писмо и изговор, е еден од најтешките за изучување. Потребно е многу труд, енергија, желба и континуирана работа да се постигне успех и напредување во изучувањето на јазикот. Добро ми оди.  Совладав околу 3000 знаци. Тоа е средно знаење, но упорна сум. Продолжувам и натаму да ги совладувам тајните на јазикот. Уживам кога зборувам. Интересено е и пишувањето – раскажува Симона.

Редици на секој чекор во Пекинг

Кинескиот народ по природа бил многу скромен и гостопримлив. Пекинг ме прими меѓу стотиците илјади од целиот свет. Интернационално место е. Запознав многу луѓе и ми се допадна кинеската култура, иако земјата не е многу чиста, премногу населена е, а на секој чекор има редици луѓе. Комотно се чувствувам и покрај мешаницата. Престојував во повеќе фамилии. Кинезите се гостопримливи. Весели и насмеани. Кина плени со долговековната историја. Посетив многу знаменитости. Го видов Кинескиот ѕид, Забранетиот град, Плоштадот Тјананмен, многу паркови, олимпискиот центар, познатата улица со кинеска храна, неколку други кинески градови. Воодушевена сум. Ми се допаѓа кинеската храна. Се навикнав да ја јадам. Едноставно кажано, Кина воодоошевува со развојот – потенцира Симона. Младата студентка објаснува дека Кинезите не знаеле многу за нашата земја, но сакале да разберат за нашата историја, традиција, култура. Сретнав луѓе кои знаат историја. Знаат за Александар Македонски. Се посветува многу внимание на образованието. Подготвени се да научат нешто ново. Се интересираат за нашата земја, за културата. Некои сакаат да го учат македонскиот јазик, па држам и предавања – вели Спиркоска. Таа активно учествувала и во студентската организација, преку која помагала во реализирањето на бројни активности (спортски натпревари, натпревари во знаење, Новогодишен фестивал, Меѓународен културен фестивал), кои ги организирал факултетот. Дружејќи се, студентите се запознаваат. Преку фестивалот на културата како единствен студент од Македонија, успешно ја презентирав нашата земја, традицијата и културата, за што ми беше доделено признание од факултетот  – додава таа.

Сака да учи и други јазици

Симона лани добила посебна диплома за врвни достигнувања, како најдобар странски студент. За награда добила специјална стипендија за школување, доделена од градот Пекинг. Симона паралелно зборува и англиски, италијански и шпански јазик. Тргнала од максимата дека “човек вреди, толку колку што јазици познава”. Нема тука да застане. Сака да запознае и други јазици, на кој зборуваат студентите со кои комуницира во Пекинг.

Loading