Неразделни другари од Победа

Иван Мечев – Ристо Глигороски

Во дуќанот на некогашниот фудбалер на Победа, Иван Мечев, го сретнавме неговиот соиграч, прочуениот голгетер Ристо Глигороски. Живее во Косел, Охридско, а често навраќа кај стариот другар. Муабетите се за животот и за убавите моменти некогаш, во седумдесетите и осумдесетите години од минатиот век. Над 40 години сме неразделни. Ристо беше одличен фудбалер, а беше и остана прекрасен човек – вели Мечев, најбрзиот и неуморен десен бек. Глигороски возрасните го паметат како мајстор за волеј, скок и удар со глава, брз и итар во казнениот простор како Германецот Милер. Играше за Караорман и Вардар, но најмногу, 14 сезони во Победа. Имам само убави зборови за Мечев, со кого дружбата долго трае. Велат не се повредувавме. Бевме подготвени, трениравме по два – трипати дневно. Публиката нî сакаше, нî препознаваше низ град, оти со години не се менуваше тимот – смета Глигороски.

Loading